Повеќе десетици илјади луѓе учествувале во неделата во Брисел на првиот голем марш за климата од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот и неколку седмици пред почетокот на меѓународниот самит COP26.
Според процените на полицијата во белгиската престолнина, најмалку 25 илјади луѓе учествувале во трикилометрската поворка којашто се протегала од железничката станица Брисел-Север до паркот Синквантенер. Организаторите, пак, процнуваат дека имало 70 илјади учесници.
„Време е за промена на системот и радикално дејствување. Станува збор за опстанокот на човештвото“, изјавила за телевизската мрежа VRT климатската активистка Ануна Де Вевер.
Речиси 80 организации обединети под мотото „Коалиција за клима“ повикаа на протест во кој учествуваа и истакнати белгиски политичари.
„Климата е општествено-економско прашање. Сега мораме да се заштитиме, бидејќи мојата генерација нема да ги понесе последиците“, изјавил 28-годишниот Конор Русо, претседател на партијата Вооруит, стара социјалистичка партија во регионот Фландрија.
Протестите имаа особен одѕив и значење по смртоносните поплави кои во јули годинава ја погодија Белгија.
„Политичарите умираат од старост, Роза умре поради климатските промени“, било испишано на еден транспарент, алудирајќи на 15-годшно девојче коешто било однесена од јулските порои.
Маршот беше организаран неколку седмици пред почетокот на конференцијата во организација на Обединетите нации за климатските промени COP26 во шкотски Глазгов. На неа претставниците на владите од светот ќе дискутираат за задржувње на шланираното ограничување на климатското загревање на 1,5 Целзиусови степени, како што се предвидува во Парискиот климатски договор од 2015 година.