Десетици новинари починале во последните два месеца во светот како последици од заразата во пандемијата на коронавирусот, објави во петокот швајцарското невладино здружение Press Emblem Campaign (PEC), и изрази жалење поради тоа што медиумските претставници не добиле доволна заштита.
Во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите во недела, на 3-ти мај, споменатата невладина организација предупредува дека многу новинари се изложуваат на опасност за да известуваат за кризата предизвикана од коронавирусот, е нeкои од нив притоа и се разболуваат.
Во соопштението на Press Emblem Campaign, чиешто седиште е во Женева а се занимава со заштита на новинарите, се наведува дека од 1-ви март избројала „смртни случаи на 55 новинари во 23 земји“ во светот.
„Професионалната причина за смртта не е секогаш утврдена … Новинарите се изложуваат на големи опасности во оваа криза, бидејќи мора да продолжат да известуват одејќи во болниците, интервјурирајќи ги лекарите, болничарите, политичките челници, експертите, пациентите… Во многу земји, неопходните мерки за заштита (физичката дистанца, носењето заштитни маски, хигиенските мерки и карнтинот) не биле применети и тоа особено во почетокот на пандемијата“, наведуваат од PEC.
Еквадор е на првото место со девет новинари починати како последица на зараза со коронавирусот, а следат САД со осум починати новинари. На четвртото место се Бразил, Велика Британија и Шпанија со по тројца новинари кои ѝ подлегнале на респираторната болест Covid-19, која ја предизвикува новиот тип коронавирус, според евиденцијата на организацијата.
Борбата против пандемијата којашто е причина за смртта на 230.000 луѓе од 3,2 милиони заразени во светот, „за многу влади претставува изговор за гушење на медиумските слободи, слободата на собирањето и манифестирањата“, вели генералниот директор на PEC, Блез Лемпен и бара „сите држави да го почитуваат правото на инфромирање на граѓаните и правото на здравје“.
„Цензурата, затворањето на интернет страници, самоволните апсења новинари, физичките и вербални напади, вонредните закони со кои се ограничуваат медиумските слободи, сето тоа се кршења на кои сме сведоци последните седмици… Информирањето на јавноста, во прв ред, е важно и во време на здравствена криза… а транспарентноста е најважна и може да спаси животи во услови на здравствена криза“, се додава во извештајот на PEC.