На неколку десетици локации во Србија веќе два дена беснеат пожари, а вонредна состојба е прогласена во општината Трговиште, на Стара Планина каде огнот гори од неделата вечерта поради непристапниот терен за пожарникарите е недостапен поголем дел од опожарената област, а поради густиот чад невозможно е гаснење од воздух.
Имајќи предвид дека Србија не поседува канадери, туку само хеликоптери за гаснење од воздух, помош е побарана од Русија, од каде се очекуваат специјализираните авиони од типот „Илјушин 76“.
Досега нема повредени, но поради предострожност засега се евакуирани најмалку три лица. Во медиумските извештаи се истакнува дека засега не е загрозено населението, ниту имотите.
Началникот за вонредни ситуации при МВР на Србија, Предраг Мариќ, рече дека на Стара Планина пожарот се гасне на четири сектори, но дека проблем за стотината пожарникари претставува извонредно непристапниот терен, па мора да гаснат пешки носејќи ги пумпите на грб. Дополнителна непријатна околност е што пожарите се на големи височина над 1.900 и 2.000 метри и оти поради големата зачаденост огнот не е гаснет од воздух.
Пожар во понеделникот избувнал и на планината Видојевица кај Прокупље, во близина на селото Видовац, а пожарникарите дежурале преку ноќта за да спречат евентуално проширување. Пожарот во вторникот утрото бил локализиран, но поради неповолните временски прилики повторно се разгорел.
Изминатата ноќ заседавал Штабот за вонредни ситуација во Врање, поради пожар на подрачјето во близина на градот. Беше соопштено дека станува збор за површина од 13 квадратни километри и оти во прашање е непритапен терен, што го отежнува дејствувањето на противпожарно-спасувачките екипи. Во Врање ќе пристигнат 45 пожарникари од други краеви на Србија, а ќе бидат ангажирани и два хеликоптера, додека во моментов се ангажирани девет теренски возила, четири камиони и четири комби возила, пренесуваат медиуимите.
Радио-телевизија Србија (РТС) извести, повикувајќи се на податоци од мапата со пожари направена од американската Национална воздухопловна и вселенска агенција (NASA), дека во Србија со оган се зафатени „десетици локации“. Според српското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на октомври биле регистрирани 3.031 пожар.