Десетици загинати и ранети во израелскиот напад на Рафах

Десетици луѓе се убиени или се повредени во експлозија во бегалски камп во областа Рафах, објави во понеделник Министерството за здравство во палестинската енклава Појасот Газа, со која управува милитантното движење Хамас.

Видео-снимките од местото на настанот во јужниот дел на Појасот Газа покажуваат голема експлозија и интензивни пожари, пишува BBC.

Израелската ардмија соопшти дека наводно нејзините сили целеле двајца високи лидери на Хамас во еден од комплексите на движењето и ќе ги разгледаат извештаите дека пожарот се проширил во засолништата, загрозувајќи ги цивилите.

Нападот дојде неколку часа откако Хамас истрела осум ракети од Рафах кон Тел Авив, како одговор на сѐ посилната офанзива на израелската војска врз најјужниот град во енклавата, што се први далечни напади врз израелскиот деловен центар од јануари.

Израелската воена офанзива во Рафах продолжи и покрај одлуката на Меѓународниот суд на правдата (МСП – ICJ) во петокот дека таа мора итно да биде запрена.

Во соопштението објавено по експлозијата во Газа доцна навечер во неделата, израелската војска соопшти дека „елиминирала“ двајца високи претставници на Хамас, именувајќи ги како Јасин Рабија и Калед Нагар, во „прецизен“ воздушен напад „во северозападниот дел на Рафах“. Се додава дека наводно милитантите на Хамас биле „гаѓани со прецизно оружје“.

Властите во Газа соопштија дека 35 луѓе биле убиени, а десетици повредени во импровизираниот камп за раселените Палестинци северозападно од Рафах. Се наведува дека меѓу загинатите има жени и деца.

Бројот на загинати најверојатно ќе се зголеми бидејќи операциите за пребарување и спасување продолжуваат во населбата Тал ал-Султан во Рафах, на околу два километра северозападно од центарот на градот, изјави портпаролот на палестинската Црвена полумесечина, цитиран од новинската агенција Associated Press.

Очевидец изјавил за новинската агенција Reuters дека целата населба во Тал aл-Султан е „спалена“.

Друг сведок, Фади Духан, опишал како седел на вратата од куќата кога ја слушнал експлозијата.

„Одеднаш слушнавме звук на проектил. Трчавме по улицата покриена со чад. Не видовме ништо“, рекол Духан за Reuters додавајќи дека во една куќа пронашол распарчени тела на девојка и млад човек.

Претходно во неделата, сирените тревога од воздушен напад се огласија околу Тел Авив, а централниот дел на Израел беше под оган од ракети на Хамас истрелани од близина на Рафах. Осум ракети биле пресретнати од системи за противвоздушна одбрана или паднале во полињата.