Десетици загинати во поплавите во Индија

Во поплавите и свлечиштата предизвикани од интензивните монсунски дождови смртно настрадале најмалку 50 луѓе во северна и во источна Индија последните три дена, соопштија властите во неделата.

Дождовите поплавиле стотици села, носејќи куќи и заробувајќи ги жителите додека спасувачките екипи се обидуваат што побрзо да ги евакуираат преживеаните.

Претходно месецов сојузното метеоролошко биро прогнозираше дека во Индија веројатно ќе наврне просечното количество дожд во август и септември, укажувајќи на севкупните добри приноси од посевите во третата најголема азиска економија којашто се потпира на земјоделието за поттикнување на растот и создавање работни места.

Земјоделието придонесува со околу 15 отсто во индиската економија проценета на 2,7 билиони американски долари, додека истовремено одржува повеќе од половината на индиското население до 1,3 милијарди луѓе.

Поради силните врнежи проследени со свлечишта и поплави во хималајската сојузна држава Химачал Прадеш во текот на последните три дена смртно настрадале најмалку 36 луѓе, соопштил за Reuters функционер на државната влада.

Во соседната држава Утараканду, владата соопшти дека загинале четири луѓе, а 13 се исчезнати поради непрестајните врнежи.

„Испративме хеликоптери за спасување на луѓето кои останаа заробени во оддалечените области поради инцидентите поврзани со дождовите. Операцијата за спасување се одвива со полна пареа“, изјавил Ранџит Кумаар Синха, функционер во одделот за управување со катастрофи во Утараканду.

Во сојузната држава Одиша, најмалку шест луѓе загинале во екот на бурата проследена со постојани дождови, соопштиле тамошните власти. Поплавите погодиле речиси 800.000 луѓе, а илјадници жители на Одиша морале да ги напуштат своите домови. Досега се евакуирани 120.00 луѓе од погодените области. Дождовите ги прекинале снабдувањето со струја и водата ја оштетила патната инфраструктурата.

Властите на округот Рамгарх во источната држава Џарканд соопштија дека пет луѓе исчезнале во надојдената река Налкари во саботата. Досега се пронајдени четири тела, рекол Мадви Мишра функционер од округот Рамгарх.