Десетина пријави за насилство за два дена пристигнале на мејлот на МОН

Министерството за образование и наука информира дека на eлектронската адреса [email protected] и [email protected] на албански јазик изминатите два дена пристигнале 10-тина пораки. Дел од нив се однесуваат на врсничко насилство, а има и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.

„Со отворањето на електронската адреса, Министерството за образование и наука воспоставува брз, доверлив и безбеден начин, преку кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти, како дел од системот за идентификување и запирање на непосакуваните однесувања. Секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки“, соопштија од МОН.

Училиштата, се додава во соопштението, мора да бидат безбедна средина каде ќе се одвива воспитно-образовниот процес. Затоа, Министерството за образование и наука ќе и предложи на Владата итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина.

Министерството веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина.