Дешифрирано писмото на хороскопскиот убиец по повеќе од 50 години

Три лица од САД, Белгија и Австралија успеаја да дешифрираат една од кодираните пораки на мистериозниот сериски убиец Зодијак, која во ноември 1969 година била испратена во весникот „Сан Франциско кроникл“.

Зодијак, кој никогаш не е откриен и фатен, го тероризираше Сан Франциско на крајот на 1960-ите, убивајќи пет луѓе, при што се поигруваше со полицијата и јавноста, испраќајќи кодирани пораки до локалните весници.

Во видео објавено на Јутјуб, веб дизајнерот од Вирџинија Дејвид Оренчак вели дека ја дешифрирал пораката со 340 карактери заедно со австралискиот математичар Сем Блејк и белгискиот софтвер инженер Јарл фан Ајке. Тие велат дека користеле човечка генијалност и софтвер за да ги разбијат кодовите.

„Се надевам дека многу се забавувате обидувајќи се да ме фатите. Не се плашам од гасна комора бидејќи ќе го забрза моето одење во рај зашто сега имам доволно робови кои работат за мене“, стои во пораката, без да открие нови сознанија за идентитетот на убиецот.

Уште две пораки од Зодијак не се дешифрирани и се верува дека една од нив го содржи неговото име. Иако во едно од писмата тој тврдеше дека убил 37 луѓе, официјално му се припишани само пет убиства, извршени од декември 1968 до октомври 1969.