Дескоска ја нападна судијката Наташа Габер дека е послушник на Груевски

Лицемерната и деструктивна политика на опозицијата повторно излегува на површина. По одлуката на Уставниот суд, СДСМ излезе со став дека таквата одлука само оставала привид дека нешто се решавало, пишува „Курир“.

Порталот потсетува на одлуката на Уставниот суд, кој денеска донесе времена мерка за запирање на сите изборни дејствија кои произлегуваат од оспорената одлука за распуштање на Парламентот. Со оваа мерка на Уставниот суд беше отворена можноста, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски да го свика парламентот и да ја поништи одлуката за избори на 5-ти јуни.

Судот едногласно ја прифати Иницијативата на ДУИ  и изрази сомнеж за уставноста на актот со кој се изгласало распуштање на Собранието со одложено дејство. По прифаќање на инцијативата, Судот за седум дена ќе се произнесе со конечна одлука дали одлуката за распуштање е уставна, а дотогаш важи времената мерка за запирање на сите изборни дејства.

Инаку, претседателката на Судот, Елена Гошева посочи дека ќе гласа „за“ Иницијативата иако според неа ова е преседан во одучувањето на Судот. Сепак според неа во овој случај преовладува јавниот интерес со што прифатливо е да се расправа за веќе распуштено Собрание. Освен неа и сите останати судии гласаа за прифаќање на Иницијативата по што конечната одлука на Судот ќе се знае идната среда.

По одлуката на Уставниот суд, членот на извршниот одбор на СДСМ, Рената Дескоска излезе на прес конференција, каде рече дека одлуката која денеска ја донесе Уставниот суд била уште една потврда дека решенијата ги пишувал Груевски, а не оние што ги носат тогите во судот.

Како што Груевски ги менува ставовите, според своите потреби, така се менуваат и ставовите на Уставниот суд. Луѓето што седат во институциите се спремни да се посипат со пепел, да ретерираат и да се предомислуваат, рече Дескоска.

Со ваквата изјава, Рената Дескоска директно ја нападна Наташа Габер, која е една од уставните судии, дека е послушник на Груевски. Во јавноста е познато дека уште во 2008 година Собранието едногласно и без дискусија, на предлог на тогашниот претседател Бранко Црвенковски ја избра Наташа Габер за судија во Уставниот суд на Република Македонија. Наташа Габер е сестра на Виктор Габер, несуден министер за надворешни работи од СДСМ и сегашен член на Комисијата за надворешни работи на СДСМ.

Има ли поголема поврзаност од врската брат-сестра, како што е врската помеѓу судијата Наташа Габер-Дамјановска и Виктор Габер, несудениот министер на СДСМ за надворешни работи?, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ неколку пати досега на обвинувањата на опозициската партија околу Уставниот суд.