Белгискиот федерален јавен обвинител Фредерик Ван Лиу одржа прес конференција на која ги соопшти досегашните информации од истрагата за нападите во Брисел, пренесува „Гардијан“.
Сепак браќата Ел Бакрауи оперирале одвоено
Тој потврди дека Ибрахим Ел Бакрауи е одговорен за првата експлозија на аеродромот Завентем, а тоа било утврдено врз основа на анализите на ДНК материјалот. Вториот осомничен за нападот на аеродромот сеуште не е идентификуван.
Експлозијата на метро станицата Малбек се случила додека дел од возот сеуште бил на станицата. Бомбашот е идентификуван како Калид Ел Бакрауи. Како што рече обвинителот, браќата од претходно и’ биле познати на полицијата како ученсици во организиран криминал.
Третиот осомничен што се гледа на снимките од безбедносните камери, сеуште не беше именуван од страна на обвинителот, иако медиумите веќе пишуваа дека се работи за Наџим Лашруи, по кого полицијата и понатаму трага.
Напаѓачите пристигнале со такси
Ван Лиу потврди дека напаѓачите до аеродромот пристигнале со такси возило од бриселското предградие Сарбек.
Во претресот во станот во Сарбек полицијата пронашла лап топ компјутер со белешка напишана од Ибрахим Ел Бакрауи. Во белешката тој напишал дека се сомневал дека полицијата трага по него и дека не сака да заврши во затвор.
Едно лице било приведено од полицијата и било испрашано. Друго лице било ослободено по извршениот распит.
Според последните информации, соопштени од обвинителот, 32 лица загинаа, а 270 се повредени во вчерашните напади.