Управата за Финансиска полиција соопшти детали од кривичната пријава против поранешниот градоначалник на Демир Капија, Трајче Димитриев, осомничен дека објект на Општината реновиран со пари на ЕУ го продал за помалку пари на близок роднина.
Управата до Основното јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција- Скопје поднесе кривична пријава против Т.Д. (61) во својство на Градоначалник на Општина Демир Капија за Злоупотреба на службената положба и овластување, потпомогнат од Т.П. (48) во својство на овластен проценител и П.М. (60) во својство на Претседател на Совет на Општина Демир Капија, како и од М.Ј. (65) во својство на поттикнувач, односно лице кое се стекнало со противправна имотна корист, поради постоење на основи на сомнение дека пријавените сториле кривични дела и тоа злоупотреба на службената положба и овластување, предвидено и казниво по член 353 став 5 вв. со став 1 , помагање, предвидено и казниво по член 24 во врска со член 353 став 5 и поттикнување, предвидено и казниво по член 23 во врска со член 353 став 5, сите од Кривичниот Закон на Р. Македонија, велат од ОЈО.
Според Финансиската полиција, во март 2012 година бил склучен Грант договор помеѓу Делегацијата на ЕУ во Скопје и Градоначалникот на Општина Демир Капија, а кој се однесувал на имплементација на проект – Центар за едукација и вмрежување во туризмот Ценет, во вредност од 262.366 евра.
За инвестиција во инфраструктура односно реконструкција на стара училишна зграда на КП 4082/2, КО Демир Капија (во сопственост од ½ на Општина Демир Капија и ½ во сопственост на четвртопријавената М.Ј.) инвестирани се парични средства во висина од 11.247.184 денари, од кои од Грант договорот износ од 101.230 евра односно 6.225.645 денари, како и дополнително обезбедени парични средства од Буџетот на Општина Демир Капија во износ од 5.021.539 денари. Градоначалникот потпомогнат од Т.П. и П.М. и поттикнат од М.Ј., во периодот од 2013 до 2017 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што на четвртопријавената М.Ј. и продал објект и земјиште на КП бр. 4082/2 во ½ сопственост на Општина Демир Капија за 1.667.000 денари, кој износ e десет пати помал од реалната пазарна цена, односно не ја земал во предвид и претходно инвестираната реконструкција од Општина Демир Капија на објектот во износ од 11.247.184 денари, со што и овозможил на четвртопријавената М.Ј. да се стекне со противправна имотна корист, на штета на Буџетот на Општина Демир Капија, велат од ОЈО.
Градоначалникот на 12.06.2013 година склучил Договор за продажба на зграда од околу 800 м2, во половична сопственост на Општината како продавач и М.Ј. од Кавадарци како купувач, во вредност од 1.667.000 денари, кој износ првопријавениот преку својата лична трансакциска сметка и го префрлил на четвртопријавената за да може истата да го купи објектот. Исто така Д.Ј. од својата лична трансакциска сметка и по извршената продажба, во име и за сметка на М.Ј. префрлил 4.493.000 денари за реконструкцијата на објектот, односно го финансирал довршувањето на објектот.
Реконструираниот објект бил наменет за сместување на фондацијата Ценет каде дополнително се инвестирани 68.437 евра за информатичка и компјутерска опрема, опрема за преведување, мебел, кујни и друга опрема како и за други трошоци за организирање на обуки.
Исто така градоначалникот во април лани, потпомогнат од П.М., на начин што без надомест ја отстапил фондацијата на свој близок роднина, на кој начин му овозможил да се стекне со противправна имотна корист, на штета на Буџетот на Општина Демир Капија.
На овој начин осомничените сториле кривични дела со кои е предизвикана штета на Буџетот на Општина Демир Капија во износ од 15.456.106 денари.