Од СВР-Скопје за Телеграф.мк велат дека ноќеска, 10 минути по полноќ, од Ургентниот центар во полиција било пријавено дека кај нив е донесен 45-годишниот Д.Т. Пред да биде донесен во болница, поточно во 23.35 часот, Д.Т. на крстосницата на булеварот „Партизански одреди“ со улиците „Бледски договор“ и „Париска“ изгубил контрола над возилото што го управувал, „голф“ со скопски таблички, и удрил во бетонска жардиниера на средината на булеварот, по што возилото се превртело и застанало на покривот. Неофицијално, во возилото со него биле и неговиот брат и уште едно лице. Повредениот бил пренесен во Ургентниот центар каде што му се констатирани телесни повреди здобиени од огнено оружје, односно прострелни рани во стомакот, во градниот кош и во раката.
Полицијата сè уште не извршила разговор со ранетиот затоа што не се наоѓа во целосно свесна состојба. Нему во текот на ноќта му била извршена операција.
Од СВР-Скопје велат дека кај нив нема пријава за пукање и затоа не може да потврдат дали пукањето се случило во бркотницата по булеварот „Партизански одреди“. Оттаму велат дека работат на расчистување на случајот и дека се утврдуваат мотивите за инцидентот. Сторителот засега ѝ е непознат на полицијата.