Детали за трговијата со органи на Косово ќе знаеме во август

Американскиот обвинител Клинт Вилијамсон, кој ги истражува информациите за трговијата со органи и злосторствата посочени во извештајот на специјалниот пратеник на Советот на Европа во Косово, Дик Марти, резултатите од својата тригодишна истрага ќе ги објави во август, објавија медиумите во Приштина.

Иако беше планирано дека тоа ќе се случи во втората половина на овој месец, веднаш по почетокот на новиот мандат на европската мисија во Kосово – ЕУЛЕКС, резултатите од истрагата на Вилијамсон се уште не се објавени, па сега печатот во Приштина тврди дека тоа ќе се случи во август.

Во април извори блиски до специјалниот тим за истрагата за трговијата со органи, соопштија дека целото воено раководство на Ослободителната војска на Косово, како и некои политичари од Албанија, ќе бидат ставени на листата на осомничени за трговија со органи за време на вооружениот конфликт во Косово.

Тимот на Вилијамсон четири години води истрага врз основа на извештајот на Дик Марти, во кој се опишани злосторствата на членовите на поранешната ОВК врз Срби, Роми и „нелојални Албанци“.

Најголемо внимание во извештајот предизвикаа тврдењата за вадење на органи во т.н. “жолта куќа“ во централна Албанија, по што биле продавани на црниот пазар.

Се очекува дека случајот ќе биде обелоденет во јавноста откако ќе биде предаден на Специјалниот суд, кој ќе ги испитува воените злосторства во Косово и ќе започне да функционира веројатно во почетокот на 2015 година.