Деветгодишно дете заразено од вирусот ХИВ при раѓањето ги минало поголемиот дел до својот живот без потреба од лекување, објавија јужноафриканските лекари.
На детето, чијшто идентитет е заштитен,набрзо по раѓањето му се давани силни лекови и оттогаш, осум ипол години, живее без лекови и без симптоми или знаци на активен вирус. Семејството изјавило дека е „вистински одушевено“, пренесува во понеделникот BBC.
На повеќето луѓе секојдневно им се потребни лекови коишто ќе спречат ХИВ вирусот да им го разори имунолошкиот систем и да предизвика СИДА.
Детето било заразено од неговата мајка при породувањето во 2007 година и имале многу високо ниво на ХИВ во крвта. Раната антиретровирална терапија не била стандардна практика во тие години, но на детето од деветтата седмица му е давана во рамките во рамките на клиничко испитување.
Присутноста на вирусот повеќе не можела да се детектира и лекувањето по 40 седмици било прекинато, а за разлика од кај сите други вклучени во испитувањето, вирусот повеќе не се вратил.
Досега се забележани уште два случаја кога раната терапија довела до „излекување“, На едно дете во американската сојузна држава Мисисипи терапијата му е дадена 30 часа по раѓањето и тоа 27 месеци живеело без лекови пред ХИВ вирусот повторно да се појави во неговата крв. Во Франција е забележан случај на пациент кој веќе 11 години живее без лекови.
„Не веруваме дека само антиретровиралната терапија може да доведе до ремисија. Не знаеме зошто кај детето дошло до ремисија, веруваме дека е поврзано или со генетиката или со имуносистемот“, изјави др Ејви Виолари којашто го води институтот за истражување на вирусот ХИВ кај новороденчиња во Јоханесбург.
Некои луѓе природно подобро се носат со инфекцијата со ХИВ вирусот, но за што и да станува збор кај ова дете е поинакво од сето досега забележано. Доколку топа би можело да се реплицира како нова форма на терапија, лек, антитела или вакцина, тоа потенцијално би можело да им помогне на други пациенти.
Во прилогот на BBC се напомнува дека иако во телото на детето нема активен ХИВ вирус, вирусот е детектиран во неговите имуно-клетки. Во нив ХИВ-от може да се крие долго време, така што постои опасност дека во иднина на детето би можело да му е потребно лекување.
„Овој случај покренува повеќе прашања отколку што дава одговори. Тој укажува на интересна идеја за тоа дека е возможно третманот да не трае целиот живот. Но тоа, секако, е многу редок феномен“, вели за Reuters Лидна-Гејл Бекер, претседател на Меѓународното здружение за СИДА, кој ја организираше конференцијата во Париз за борба против оваа болест на којашто е претставен случајот со детето.