По насилните протести кои синоќа се случија во српскиот град Нови Сад поради трагедијата на Железничката станица на 1 ноември, уапсени се девет лица.
Шест лица се осомничени за сторено кривично дело – Насилничко однесување на спортски настан или на јавен собир, едно лице за кривичното дело – Уништување и оштетување на туѓ имот, едно лице за кривичното дело – Напад врз службено лице при вршење на службена должност и едно лице за кривичното дело – Предизвикување општа опасност.
Сѐ уште трае потрагата по сторителот на кривичното дело Оштетување на угледот на Република Србија, а интензивно се работи на утврдување на идентитетот на други лица за кои постојат основи на сомнение дека сториле кривично дело – Напад врз службено лице при вршење на службена должност, односно кривично дело – Уништување и оштетување туѓ имот.
Демонстрантите истурија фекалии во градското собрание.
На 1 ноември, во Нови Сад се урна натстрешницата на Железничката станица при што загинаа 14 луѓе, меѓу кои и македонскиот државјанин Васко Саздовски. Има и тешко повредени лица, а на некои лекарите мораа да им ги ампутираат нозете. Граѓаните се бесни и бараат одговорност.