Патник во автобус е тешко повреден, а уште шест лица се здобиле со полесни повреди во шест од вкупно девет евидентирани сообраќајни несреќи во изминатото деноноќие во Скопје. Три од сообраќајките се со материјална штета.
Како што информираа за МИА од СВР – Скопје сообраќајната полиција санкционирала шест возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената, тројца не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци, 23 без возачка дозвола, односно со нерегистрирано возило, како и 13 возачи за користење мобилен телефон.
Затекнати се и 54 непрописно паркирани возила и 29 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин, односно поминале на црвено светло на семафор.
Со помош на специјалното возило „Пајак“, во текот вчерашниот ден отстранети се 78 возила кои во поголема мера го попречувале нормалното одвивање како пешачкиот така и моторниот сообраќај.
Во рамки на квалификациите за Европското првенство во ракомет во СЦ „Борис Трајковски“ вечер во 18:30 часот ќе се одигра меѓународен натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Украина. За непречено и безбедно одвивање на натпреварот сообраќајната полиција најавува соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а по потреба и пренасочување на сообраќајот.