Деветмина Македонци ќе возат на легендарната Ф1 патека Монца

Деветмина Македонци викендов ќе се појават на легендарната Ф1 патека Монца заедно со своите колеги од Словенија, Италија, Србија и Австрија на „Twingo Cup“. Ова е претпоследна трка за сезонава.

– Стартната листа на Монца треба да биде најдолга сезонава, и се очекуваат вкупно 39 возачи. Целата натпреварувачка програма ќе биде набиена во два дена, сабота и недела. Ќе се возат слободните тренинзи, квалификациите и по една трка дневно.Малите автомобили што сезонава привлекоа огромно внимание на патеките веќе се појавија на Хунгароринг и Ред Бул Ринг, а се возеа трки и на патеката Гробник. Италијанска Монца е една од најбрзите тркачки патеки каде традиционално се возат и трките од Формула 1. До крајот на сезоната остануваат уште два тркачки викенди и четири тркидо крај на првенството (Монца и Серес). Од деветтемина македонски возачи кои се пријавени за првенството на Македонија дури шестмина се со реални шанси да стигнат до титулата. На досегашните пет трки имаше три различни победници, Марко Блажевски, Давид Малинковски и Владимир Тренески, соопшти организаторот.

На Монца за првпат ќе вози и Бојан Петрушевски во автомобилот на Ненад Костовски кој реши да му даде шанса на младиот возат. Во игра за титулата се уште 80 бодови за победа (по 20 по трка) и сите опции се отворени. Најголеми шанси за титулата имаат Марко Блажевски (75 бода) и Давид Малинковски (65). Бодовната разлика меѓу нив е само 10 бода, во корист на Блажевски.

Во втората група на возачи кои имаат шанса за титулата се четворица возачи: Владимир Тренески (49 бода), Ангелче Стојкоски (48 бода), Слободан Трајковски (46) и Зоран Мираковски (46 бода).

Единствените двајца возачи што настапиле на сите досегашни трки и успеале да освојат бодови се Ангелче Стојковски и Слободан Трајковски. Сите ќе ја чекаат шансата од позадина и можна грешка на водечкиот двоец.

Според програмата утре се два слободни тренинга, квалификации и плус една трка. Во недела ќе се вози втората трка.

Ова е трета сезона од „Twingo Cup“ што се бодува за македонскиот шампионат, а севкупниот победник како награда ќе го добие електричното возило Рено Твизи.