Деветмина повредени од „корозивна материја“ фрлена во јужен Лондон

Девет лица, меѓу кои и деца и полицајци, се пренесени во болница откако врз нив во средата вечерта била фрлена „корозивна супстанца“ во јужен Лондон, соопшти лондонската полиција. Маж е виден како трча по „ужасниот инцидент“ на авенијата Лесар во Ламбет, јави BBC.

Жена и нејзините две мали деца се пренесени на лекување во болница. На три други лица, за кои се верува дека им пришле на помош, исто така им е потребна медицинска помош. Тројца полицајци кои реагирале на инцидентот се здобиле со полесни повреди.

Лондонската полиција соопшти дека никој не е уапсен во врска со инциентот, но дека се користат полициски хеликоптери за потрага по напаѓачот.

„Додека се во тек тестовите за да се утврди што е супстанцијата, во оваа фаза веруваме дека станува збор за корозивна супстанција“, изјави детективскиот надзорник Александар Касл

Советничката на градот Лондон, Марина Ахмад, на X објави дека дошло до сообраќаен судир „со маж кој ги нападнал патниците во автомобилот“.

На местото на нападот се наоѓаат противпожарни возила и амбулантни возила.

Полицијата соопшти дека ќе даде нови информации за состојбата на повредените што е можно поскоро.