Ди Мајо бара средба со Салвини за спречување на кризата во Рим

Луиџи Ди Мајо (лв) и Матео Салвини

Италијанскиот вицепремиер Луиџи Ди Мајо, лидер на коалицискиот партнер во власта антиестаблишмент и евроскептичното Движење пет ѕвезди, повика во потокот на средба со владиниот партнер со вториот вицепремиер и челник на крајната десна партија Лига, Матео Салвини, што се смета за своевидна мировна понуда која следеше по заемните обвинувања кои предизвикаа загриженост за стабилноста на владејачката коалиција во Италија.

„Пожелно е да раговараме и да се видиме денеска… Владата не е доведена во прашање“, изјави Ди Мајо во интервјуто за државниот канал RAI 3 и истовремено тврдеше дека не станува збор за растурање на владејачката коалиција.

Движењето Пет ѕвезди и Лига, склучија неочекувана коалиција пред една година по парламентарните избори кои не дадоа јасен победник. Во меѓувреме, крајната десница забележа голем раст на својот рејтинг и на крајот од мај на изборите за Европскиот парламент оствари подобар резултат од Движењето, и бара подобри позиции во креирањето на владините политики.

Изборот на Германката Урсула фон дер Лејен за челничка во Европската комисија предизвика судир меѓу двајцата сојузници, бидејќи таа беше избрана со само девет гласови повеќе од потребните, кои ги обезбеди токму Движењето, а Лига се противеше на нејзиниот избор.

Шпекулациите за можната криза во коалицијата се засилија во четвртокот ноќта, кога беше објавено дека Матео Салвини побарал средба со италијанскиот претседател Серџо Матарела. Салвини подоцна во телевизиска емисија емитувана доцна ноќта кон петокот, негираше дека планира да му предаде оставка на шефот на државата.

Италијанските дневни весници во петокот шпекулираат околу можноста Италија есенва да одржи предвремени парламентарн избори.

Ди Мајо, исто така, во петокот порача дека сака да се сретне со Салвини подоцна во текот на денот за да се надминат недоразбирањата „Подобро е зрели луѓе да се видат, отколку да разговараат преку медиумите“, рече Ди Мајо.