Дибала ја прифати понудата на Рома

Немаат можност премногу често да слават, но по освојувањето на Конференциската лига, навивачите на Рома покажаа колку го сакаат клубот и како знаат да слават успех, иако ретко има повод. Меѓутоа, со доаѓањето на Олимпико, Жозе Мурињо ја врати вербата на симпатизерите на клубот во подобри, потрофејни денови и затоа можеме да замислиме каков хаос ќе владее деновиве во Вечниот град, бидејќи Пауло Дибала ја  прифати понудата на Рома!

Најновите вести утрово доаѓаат од главниот град на Италија. Специјалистот за фудбалскиот пазар Џанлука ди Марцио објави дека Дибала има нов клуб! По неколку недели одмерување, аргентинскиот офанзивец ја избра Рома.

Клучен бил вчерашниот состанок на кој спортскиот директор на Рома, Тиаго Пинто, му ја доставил првата официјална понуда на римскиот клуб до агентот на Дибала, Хорхе Антун – договор за три сезони со годишна плата од 6.000.000 евра, со тоа што според некои информации, 4.500.000 евра ќе бидат загарантирани, колку што земаат најплатените играчи во тимот Лоренцо Пелегрини и Тами Абрахам, додека останатите 1.500.000 евра ќе ги добие преку бонуси.

Оваа понуда не го задоволи целосно неговиот агент, тој најпрвин бараше за Дибала 8.000.000 евра, но свесен за финансиската состојба во најголемите италијански клубови, мораше да го спушти барањето на 6.000.000 евра. Новата сезона во Серија А започнува за неполн месец и Аргентинецот сакаше што поскоро да почне да тренира со тимот за да биде подготвен за стартот на првенството.

Франческо Тоти и Жозе Мурињо, кои според доверливиот аргентински новинар Цезар Луис Мерло, инсистирале на неговото доаѓање повеќе од еден месец. Тоти јавно му ја понуди својата „десетка“, а пред неколку дена Мурињо повторно го контактираше лично Дибала за уште еднаш да му го претстави проектот на Рома, а Ден и Рајан Фридкин потоа му кажаа дека тој ќе има централно место во него.

Дибала имал понуда и од Наполи, клубот од југот на Италија наводно бил подготвен да го исполни неговото барање, но проблем во преговорите биле маркетиншките права на имиџот и работата на играчот – проценети на околу 1.000.000 евра – Аурелио де Лаурентис не сакаше да се откаже од тоа.

Го посакуваа и миланските клубови, но Интер не успеа да се ослободи од ниту еден од играчите во преполната напаѓачка линија – мислејќи пред се на Алексис Санчез – додека Милан, освен што нема намера да го наруши платниот биланс, нивната примарна мета е Шарл де Кателаре.

Дибала ќе биде четвртото засилување на Рома ова лето, бидејќи претходно во тимот на „Волчицата“ пристигнаа Немања Матиќ, Миле Свилар и Зеки Челик. Италијанскиот Скај пишува дека Аргентинецот веќе се качил на приватен лет заедно со Ден и Рајан Фридкин, и Тијаго Пинто и наскоро треба да се приклучи на новиот тим во Португалија.