ДИЦ: Просечна оценка на екстерното тестирање 3, 26

Во сите основни и средни училишта денеска се истакнати резултатите од екстерото тестирање.

По обработката на резултатите е констатирана просечна оценка на постигнувањата на учениците од 3,26. Минатата година просечната оценка на постигнувањата беше 3,6, соопшти Државниот испитен центар.

– Учениците ќе можат да ги погледнат оценките кои ги добиле и почнувајќи од утре 26 јуни, а заклучно со 30 јуни (вторник) ќе можат да поднесуваат приговори до Училишната комисија. При поднесување на приговорот ученикот има право на увид во тестот, се вели во соопштението од Центарот.

Најдобри постигнувања на екстерното тестирање на општинско ниво имаат општините Центар – 4,59, Вевчани – 4,58, Аеродром – 4-44, Карпош – 4,40 и Кисела Вода – 4,26.

На ниво на основни училишта најдобри резултати на екстерното тестирање покажале училиштата „Лазо Трповски“ од Карпош -4,83, „Војдан Чернодрински“ од Карпош – 4,80, и „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Центар со просечна оценка од 4,76.

Од средните училишта најдобри просечни оценки имаат СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ со 4,31, СУГСГим „Орце Николов“ со 4,26, и СОУГим „Јосип Броз Тито“ од Битола со просечна оценка 4,05.

Врз основа на обработените податоци за деветооделенците, просечната оцена за постигната на екстерната проверка е 3.04. За нивните резултати пристигнале вкупно 223 приговори од кои 51 се прифатени, 144 одбиени, а 28 се делумно прифатени, односно прифатени му се забелешки на неколку прашања, а не на сите на кои приговарал.

Екстерното тестирање беше спроведено за учениците од 4-то одделение во основното образование до 3-та година во средно образование, во периодот од 2 до 10 јуни.

Од вкупно предвидените 183 790 ученици во оваа фаза, по два предмети тестирани се 177.478, само по еден предмет тестирани се  2 619 ученици, додека 3.693 ученици воопшто не се тестирани. Оправдано отсутните ученици ќе бидат тестирани во августовската сесија која ќе се одвива од 17 до 20 август.