Љупка Гугучевска од ДИК на прес-конференција информираше дека гласачките ливчиња и изводите од избирачкиот список се во фаза на подготовка за печатење и оти ќе бидат доставени до општинските изборни комисии во рокот предвиден во Изборниот законик.
За првпат на овие избори, изводите од избирачкиот список ќе содржат и лични фотографии од гласачите. Фотографиите се во формат како од личните карти или патните исправи на гласачите, а ќе послужат за полесно идентификување на гласачите, како и за елиминирање на евентуални злоупотреби, истакна Гугучевска.
Домашните и странските набљудувачи кои сакаат да го следат изборниот процес имаат рок до утре да поднесат барање за овластување.
Гугучевска истакна дека спроведени се и обуките на општинските изборни комисии од страна на Државната изборна комисија, а во тек е спроведувањето на обуките за членовите на избирачките одбори како во државата, така и на избирачките одбори кои ќе го спроведат гласањето во странство.
Од ДИК апелираат општинските изборни комисии и избирачките одбори да се воздржуваат од каква било партиска активност се до завршување на изборниот процес, а ги повикаа и вработените во државната и јавната администрација во текот на работното време да се воздржат од партиски активности и да ги пријават евентуалните притисоци од претпоставените.
Апелираме и до сите гласачи да не подлегнуваат на провокации на лица кои евентуално пружаат поткуп, а кои на ваков начин сакаат да го злоупотребуваат правото на слободно, независно и демократско гласање. Сите гласачи на кои во која било фаза од изборниот процес им е повредено личното избирачко право, можат да поднесат приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа по сторената повреда. ДИК е должна по секој приговор од гласачите да донесе одлука во рок од 4 часа по приемот, истакна Гугучевска.
Од почетокот на изборната кампања ДИК има отворено бесплатна телефонска линија за граѓаните – 0800 555 44 на која може да ги пријават евентуалните нерегуларности кои ќе ги воочат, а се поврзани со изборниот процес.