Диктатура на илузиите: Измамата како техника за политичко преживување

Сите понекогаш лажеме, но не лажеме како политичарите од оваа власт. Тие станаа најекстравагантниот, најбезгрижниот неисцрпен извор на лаги, закопувајќи ја вистината во Македонија. Лажењето во политика е античка уметност. Лагите на оваа власт се далеку од благородната лага на Платон, или препораката на Макијавели дека успешниот принц мора да биде „голем лицемер…“: Тие се обична алатка за политичко преживување. И ништо друго. Лажи или изгуби.

Она што малку се знае кај нас е дека со власта на СДСМ и Премиерот Заев влеговме во застрашувачката нова ера на пост – вистина, во која не може да бидат фалсификувани само посебни факти, туку цели истории. Пост – вистината ја опишува ситуацијата во која објективните факти се помалку влијателни во обликувањето на јавното мислење, отколку апелите кон емоции и лично верување. Во ерата на пост – вистина границите помеѓу вистината и лагата се замаглени, како и помеѓу чесноста и нечесноста, илузијата и реалноста. Лажењето не само што ја игнорира вистината, туку влијае на исчезнувањето на заедничките објективни стандарди за неа.

„Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух и додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко, сите мои предци, јас, мојот син и ќерка, сме Македонци, родени овде во Македонија, промена на името не може да се случи“, ќе изјави Заев пред да дојде на власт. Се случи кога дојде на власт. Ова е јазикот на пост – вистината низ кој се устоличува ерата на Премиерот Заев. За кого лагата стана синоним за обично „здраво“, а незгодните факти станаа „лажни вести“.

Политичарите честопати извртуваат или засенчуваат прашања или настани во своја полза. Но, да се негира објективната реалност е нешто ново, особено кога тоа го прави Премиер на една држава. Не можам да кажам дека власта не е доследна во флертот со лагата. Иако е свесна дека овој флерт може да гарантираат политички успех во краток рок, несвесна е дека долгорочните последици се сериозни: деградација на јавниот дискурс, штета на угледот на политиката, генерална недоверба во политичкиот говор и искреноста во посветеноста на преземените обврски во политиката.

За Премиерот и неговите следбеници фактите не се важни. Никогаш и не биле. Диктатурата на илузиите на Премиерот во Македонија не е ништо друго до политизација и манипулација со податоците. Креираната вистина во Македонија не е повеќе очигледна, туку станува предмет на толкување. Тоа е светот во кој лагите се доживуваат како поверни од вистината. Дури и тогаш кога се проверени и дискредитирани.

Макијавели ќе запише дека владетелот треба да употреби „сила  или измама“ да ги постигне своите политички цели. Под одредени околности граѓаните имаат право да бидат излажани. Тоа е едно од правата што оваа власт ни го гарантира во целост во последниве три години. За жал не постои „искрена политичка лага“. Ни тогаш кога Премиерот се обидува да не’ убеди дека ја говори вистината ставајќи ја раката на срцето. Или, извинувајќи се до небото. И подалеку.

Повеќемина предупредуваат дека ширењето на пост – вистината е предвесник на новиот „тоталитаризам“. Други пак зборуваат за популистичка диктатура, или за „фашизам лајт“ влада. Во Македонија никој не зборува за ова и никој не  предупредува. Дури ни невладините експерти. Затоа „добивме“ датум за почеток на преговори со Европската Унија во јуни 2018 година. Кои не се случија ни во октомври 2019 година. Низ диктатурата на илузијата на Премиерот се лоботомира вистината, со цел операцијата на обезличување на државата преку измама да ги направи неговите лаги многу поверодостојни, попривлечни за разумот, отколку за реалноста. Ваквата активна, агресивна способност на власта и нашата пасивност направија да станеме лесен плен на проектираната илузија на власта, со која беше атакуван нашиот сензуален и ментален апарат во последниве три години.

Доаѓаат избори. Намерното негирање на фактичката вистина, можноста да се лаже и капацитетот за промена на фактите, како и порано и сега ќе бидат оправдани алатки на оваа власт во нејзините политичките зделки. За власт на која вистината никогаш не била доблест, креираната конфузија околу „вистината“, заснована врз „докази“ и „факти“ ќе биде основата на која ќе се гради стратегијата за манипулацијата со гласачите и поткопување на легитимноста на резултатите од изборите. Ако воопшто се одржат, како што вети Премиерот.

Политичките лаги, лажните вести, алтернативните факти кои претставуваат фронтален предизвик за основните демократски норми на отворена и плурална комуникација меѓу граѓаните, мора да бидат соочени со вистината. И тоа мора да се случи сега, за време на изборите што доаѓаат. Граѓаните мора да бидат свесни дека игнорирајќи ги фактите и доброволно прифаќајќи очигледни лаги ќе го легитимираат почеток на крајот на политиката кај нас. Ако успееме на овие избори да се „почувствува вистината“, тоа ќе биде силниот противотров на лагите и противотров за диктатурата на илузиите на оваа власт.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес