Дилан Дог ќе добие ТВ серија

Водечката италијанска издавачка куќа за стрипови „ Sergio Bonelli Editore“ ќе ја прошири својата активност на ТВ продукција, а во план е снимање серија на англиски јазик за познатиот стрип јунак Дилан Дог.

„Дилан Дог“ е дизајниран како серија од десет епизоди, базирана на популарната франшиза на Тицијано Склави, која го следи истражувачот на паранормални феномени, а кој со неговиот помошник Гручо ги презема случаите кои обично подразбираат присуство на чудовишта, духови, вампири, волкодлаци и зомби.

Стрипот излегува веќе 32 години, има повеќе од 500 броеви, со продажба од 50 милиони примероци во 30 земји.
Овој чекор на познатиот издавач на стрипови треба да ја отвори вратата за нова продукција која ќе се вика Bonelli Entertainment, а која ќе има за цел да создаде нов универзум за стрип хероите како што тос го имаат направено американските Marvel и “DC Comics” со голем број на адаптации.

Сепак, Виченцо Сарано, еден од претставниците на компанијата Bonelli, истакнува дека продукцијата на овој проект ќе пристапи со посебно внимание поради претходните погрешни одлуки.
Во 2011 година, во американско- индиската продукција беше креирана адаптација на „Дилан Дог”. Овој филм беше целосно промашување и ги разочара огромниот број на фанови на познатиот херој.

Компанијата Bonelli за новите проекти преговара со потенцијални италијански и меѓународни партнери, вклучувајќи и глобални стриминг сервиси.