Познатиот кошаркарски работник Даниел Димевски на вечерашнoто изборно собрание во Скопје беше избран за нов претседател на Македонскиот олимписки комитет.
Д-р Васил Тупурковски беше на чело на МОК од неговото основање и се до денес, кога објави дека се повлекува од функцијата.
Димевски (51) е дипломиран економист, кој магистрирал на Отсекот за меѓународно право, политика и дипломатија при Правниот факултет во Скопје.
Во неговите меѓународни ангажмани се запишани учеството како Претседател на натпреварувачката комисија на ФИБА Европа со мандат од четири години (2010-2014), а потоа беше и кандидат за Претседател на ФИБА Европа, кога во последниот круг загуби од актуелниот претседател. Во МОК е член од 2012 година како дел од УО, а од 2017 година е Советник за спорт на премиерот, при што има големи заслуги за воведување на ваучерскиот систем за финансиска поддршка на спортот.
Даниел Димевски освен спортските титули исто така е носител на Златен медал (орден) за заслуги за Македонија, кој му е доделен од Претседателот Ѓорѓе Иванов за промоција на државата во областа на спортот.
Фото: Дерби.мк