![Maksim Dimitrievski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/Maksim-Dimitrievski.jpg?resize=696%2C389&ssl=1)
„Ние немаме техничка или Пржинска влада. Имаме влада која е договорена помеѓу коалиционите партнери ДУИ и помалиот партнер СДСМ и имаме премиер кој доаѓа од албанската етничка заедница. Мислам целото тоа помпезно, спектакуларно најавување на премиер Албанец, да крунисавме крал ќе беше помалку спектакуларно. Тоа што се случи во Македонија вчера и денес само демонстрира една супериорност на ДУИ која што е аздисана од власт и која по секој основ се обидува да ги фрустрира најголем дел од гласачите од македонската нација и во исто време да извлече некои ситни поени од албанскиот електорат. Многу побитно за мене е владата да функционира суштински, а тоа значи во рамки на нејзините надлежност да овозможи да организираме фер и демократски услови, но гледајќи од вчера како се однесуваа првенствено спрема новинарите кои всушност се столбот на демократијата и бранителите на демократијата во секое едно општествено, не ми остава простор да размислувам дека оваа влада непристрасно ќе делува“, вели лидерот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија и градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски во вечерашното издание на „Само вистина“.
Димитриевски упати остри реакции на вчерашното организирано носење странски новинари од Албанија и Косово во Собранието и злоупотреба на владините службени возила за превоз на новинарите, нарекувајќи го овој чин стара пракса од времето на Груевски.
„Апсолутно се согласувам со реакцијата на ЗНМ. Но оваа влада впрочем е позната дека е влада којашто под покровителство на борба за еднакви права и можности за сите особено во делот на слободата на медиумите ја примени една стара пракса од времето на Груевски а тоа е да узурпира што поголем новинарски простор и под своја команда и диктатура да стави што поголем медиуми во државата. За жал успева во тоа. Немам ништо против да дојдат странски новинари и да ги пренесуваат сите актуелни теми во државата, но не да им се дадат сите можности на нив и тоа без преседан да се возат во државни коли. Сметам дека сето тоа беше координирано од штабот на господинот Груби којшто всушност важи во ДУИ за човек којшто соработува и работи директно со медиумите тој и неговиот тим. Тоа што го демонстрираа во собранието, порано тоа беше во партискиот, а подоцна и во службениот кабинет на Груби. Вчера во Собранието со пијалоци и песни се покажа само една типична аздисаност од страна на ДУИ и дека никој ништо не им може, а СДСМ борејќи се за сопствените фотелји молчи“ истакнува тој.
Тој упати критики и до Џафери за употребата на албанскиот јазик како прв јазик во неговото обраќање до јавноста, потенцирајќи дека со оваа постапка Џафери го фрустрира поголемиот број население кое што живее во оваа држава.
„Првиот официјален јазик е македонскиот, вториот е албанскиот. Но вчера сакаа да покажат супериорност и врз база на тоа да ловат политички поени кај албанскиот електорат бидејќи оваа навидум зелена, проевропска партија всушност е национално-етничка партија којашто во моментот кога ја губи власта се претставува за голем борец за правата на Албанците и за тоа добива поддршка од некои соседни држави“, вели Димитриевски.