„Ситуацијата во државата им наметна на просветните работници да протестираат и мислам дека ова е почеток, а потоа ќе почнат и сите останати, пред се трошоците на живот растат и како резултат на тоа платите не можат да бидат доволни да ги покријат тие основни трошоци на живот“, изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска, на денешната трибина во организација на ВМРО-ДПМНЕ во Штип насловена „Промените се случуваат, секогаш со народот“.
Таа посочи дека, и пред почетокот на инфлацијата платите на просветните работници се несоодветни во однос на тоа што тие го работат. „Ако имаме просветни работници кои што не се мотивирани и се незадоволни ќе имаме катастрофално образование, кажа таа.
Во однос на усогласување на бодовите со минималната плата, Димитриеска Кочоска потенцираше дека платите на наставниците ќе бидат најмалку за 80 проценти поголема во однос на оваа влада која што ја земаат сега.
-Согласно информациите кои што јас ги имам по бодовите со корекцијата на минималната плата, платите треба да ви бидат најмалку за 80 проценти повеќе за тоа што се во моментот. За жал сето лошо почна да се случува некаде почнувајќи од август 2020 година кога започна првото покачување на цената на електричната енергија, потоа тоа почна да се пресликува кај стопанството некаде од јануари 2021 година почна да се чувствува инфлацијата. Пак можеби тогаш толку не го почувствувавте колку што статистиките тоа го покажуваа, за да дојдеме до ситуација на комплетен колапс во државата, изјави Димитриеска Кочоска.
Таа нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ го поддржува штрајкот на просветните работници посочувајќи дека верува дека ќе бидат истрајни во своите намери и ќе ги добијат своите барања.