Димитриеска Кочоска: Eкономијата секојдневно сѐ повеќе тоне

Секојдневно сме сведоци како економијата се повеќе тоне. Ова не е само претпоставка. Податоците јасно можат да се видат од извршување на буџетот за март 2020 година, анализира Гордана Димитриеска Кочоска, заменик министерката за финансии.

Нејзиниот Фејсбук статус го пренесуваме во продолжение:

Само за три месеци имаме остварени вкупни приходи кои се 21% од планираните за 2020 година, но во исто време имаме буџетски дефицит од 43% во однос на планираниот.

Ќе речете дека во вакви услови тоа е логично. Но, дали е логично трошоците за плати и надоместоци да пораснат за цели 10 милиони евра за само три месеци и тоа на Централна влада во однос на истиот период минатата година.

Ако на ова се додадат општините, јавните претпријатија, кои се формирани од државата и од општините, акционерските друштва во државна сопственост, износот ќе биде далеку поголем.

Дополнително за времени вработувања, договори на дело и сл. потрошени се 9,9 милиони евра за три месеци, а за истиот период минатата година потрошени биле 5,2 милиони евра. Следствено на ова оценете сами дали државата издвојува доволно финансиски средства за стопанството во време на криза.