Димитриеска Кочоска: Младинската невработеност е резултат на лошите владини мерки

Републичката комисија за економија на УМС на ВМРО-ДПМНЕ денеска организираше дебата со членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска која се осврна на моменталната економска ситуација во Република Македонија, како и на лошите владини политики кои што не само што не помагаат во оваа ситуација, туку дополнително одмагаат.

Димитриеска Кочоска потенцираше дека Владата дефинитивно не знае во кој правец ја движи државата, односно дека бројките покажуваат дека земјата се соочува со економска криза која сигурно ќе се рефлектира и во наредните неколку месеци. Таа додаде дека власта наместо да раководи со македонската економија со цел да ја стабилизира ситуацијата, таа манипулирала со неколку мерки и пакети, со кои ги замолчеа граѓаните одреден период.

-Владата не само што не ги испорача ветените и очекуваните резултати во однос на економијата, таа дополнително ја втурна државата во економски амбис, бидејќи наместо домаќинско, имаше расипничко работење. Се сеќаваме сите на оние денови кога децата имаа потреба од лап топ и таблет за да можат да следат настава од дома. За жал, таа мерка беше популистичка, поради тоа што со таа мерка се опфатија само мал дел на ученици кои имаа потреба од уред, додека пак голем број на дечиња низ државата останаа дома без уред кој би им овозможил следење на наставата. Тоа е една од лошите и неефективни мерки на Владата, вели Кочоска Димитриеска.

Таа додаде дека покрај овие лоши Владини мерки, не може да се заобиколи и фактот дека лошите мерки придонесоа за голема младинска невработеност, односно губење на работните места. Според неа, таквата појава е резултат на недоволна комуникација помеѓу образовните субјекти и бизнис секторот, катастрофалното образование и немањето желба за инвестирање во човечки капитал.

“Секој бизнисмен кој вработува нови работници сака тие работници да бидат добро образувани и добро потковани од дејноста од која доаѓаат. Нашето образование се сведува на теоретска настава, а праксата никаде ја нема. Токму поради тоа младите луѓе не излегуваат потковани од образованието, а сопствениците на приватните бизниси не сакаат да губат предолго време на обука на работниците. Тука младите луѓе се хендикепирани, бидејќи тоа не зависи од нив, туку од образовните кадри и системот кој за жал во Македонија е катастрофален”, вели Димитриеска Кочоска.

-Младите во Република Македонија немаат вистински услови за практична работа по образованието. Тоа придонесува за немањето искуство за работното место кое што младиот човек сака да го добие како место каде што ќе ги спроведе своите вештини, а факт е дека најголем дел од приватните фирми бараат работници со веќе одредено искуство. Таквата ситуација е жална и поразителна, бидејќи младите треба да се двигател на секое општество, но кај нас, тоа за жал не е случај поради лошите владини политики и немањето шанса за напредок, заврши Димитриеска Кочоска.