Парите за пругата кон Бугарија нема да може да се пренаменат, со кредиторите може да се зборува за нов заем, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
– Кога барате наменски кредит, не може за друго да го користите. Може само да ги замолиме да ги резервираат средствата и да аплицираме за нов заем, изјави денеска министерката за финансии на средба со новинарите.
Димитриеска-Кочоска вели дека имала средба со претставници на Европската инвестициска банка и дека отворено ги изнела сите аргументи. Според неа, кој е економскиот бенефит од изградбата на оваа пруга, многу поважна е, вели пругата кон Солун за домашните компании.
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт и врски Александар Николоски изминатиот период изјавија дека ќе се бара пренамена на средствата затоа што пругата завршува во слепа улица.
„Вака како што се поставени работите, би било лудо да се сложиме како Влада на проект што завршува на пола тунел во слепа улица и да потрошиме половина милијарда евра народни пари, затоа што вредноста на проектот е 560 милиони евра од тие 360 се кредит, а 200 милиони се грант, изјави Мицкоски во понеделникот.
„Ги слушам изјавите, но не е баш така. Еве, замислете дека сте земале наменски кредит од банка. Вие за друго не може да го користите. Исто е во овој случај, кредитите се наменски. Може само да ги замолите да ги резервираат тие пари и повторно да аплицираме за заем“, посочи на брифинг со новинарите министерката за финансии, која е добро запознаена со банкарските процедури имајќи во предвид дека работела и во банка.
Димитриеска Кочоска смета дека пругата кон Бугарија, која е дел од паневропскиот коридор 8 и која треба да ги поврзе Јадранското и Црното Море преку Албанија, Македонија и Бугарија, економски е неисплатлив проект и дека може дополнително да ја втурне земјата во проблеми.
Со оглед на тоа дека за пругата кон Бугарија веќе се одобрени заеми од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка, се поставува прашањето дали евентуланиот прекин може да доведе до плаќање пенали. Дотолку повеќе што и од Министерството посочуваат дека од 2017 година до сега, биле платени 27 милиони евра провизии за одобрени, а неискористени кредити од наши институции.
Според претставници на Министерството за финансии, во случајов нема таква опасност бидејќи, како што посочија на брифингот, добрата вест е дека овој кредит не е ефектуиран, па нема трошоци и затоа нема да плаќаме пари за неповлечени средства.
Инаку, Димитриеска-Кочоска веќе остварила средба со претставници на ЕИБ каде што аргументирала зошто не треба да се гради пругата кон Бугарија.
За третата фаза од железничкиот Коридор 8, од Крива Паланка до границата со Бугарија обезбедени се 560 милиони евра, 350 милион евра се од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка. Преку Инвестициската рамка за Западен Балкан земен е грант од 150 милиони евра, а од ИПА 2 програмата 60, 7 милиони евра.