Имаме реална проекција на БДП, иако и таа е проследена со ризици. Важноста на реалните проекции произлегува од тоа што нереалниот БДП продуцира и нереални расходи во буџетите на корисниците, кои на крајот се трошат непродуктивно. Ова го посочи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска на средба со новинари.
„Првиот квартал и индикаторите од вториот квартал не упатуваа на тоа дека нема да се оствари проектираниот раст со иницијалниот Буџет од 3,4%. Затоа проекцијата за раст на БДП за 2024 година е ревидирана на 2,1%. Преземаме активности и насочени сме кон реализација на капитални инвестиции, вршиме притисок да се реализираат проекти за да ја поттикнеме економијата. Економијата е приоритетот и нашиот интерес е насочен кон тоа“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Министерката рече дека ова е важно од аспект дека многу од расходите во Буџетот зависат од процентот на БДП. А од друга страна, како што беше појаснето на средбата со новинарите, има корисници кои не успеваат да ги реализираат буџетските средства, но и буџетски корисници кои поради несоодветно постапување предизвикуваат огромни штети врз буџетот, како што се исплатата на извршни решенија и кои само од Европскиот суд за човекови права годинава се на ниво од над 3 милиони евра, како и провизии во износ од 27 милиони евра кои се платени од 2017 година наваму за нереализирани проекти, а за кои се земени кредити. Вакво однесување, како што порача министерката, нема да се толерира.
„Расходите во Буџетот за 2024 година се поголеми и затоа и се пристапи кон ребаланс во кој се тргна од тоа да се обезбедат пари за она што е законска обврска и доспеани обврски за сервисирање. Расходите и во наредните години се очекува да се високи, за тоа и при проектирање на наредниот буџет за 2025 година ќе треба да се постават приоритети за кои ќе се обезбедат средства“, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека во првата половина од оваа година се собрани приходи за 3,5 % пониски од планираното, но оти во јули има добра наплата.
„Кај приходите по основ на ДДВ заклучно со јули има повисока наплата за 20,8%, данокот на добивка 20,1%, данокот на личен доход 18,1%. Дадени се насоки на институциите што се под надлежност на Министерството за финансии дека треба да се преземат одредени мерки коишто се во насока на подобри услуги и поефикасна наплата на приходите“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.