Димитриеска Кочоска: Слободно може да се каже дека Буџетот за 2024 година е кроен за избори

Опозицијата го критикува предлог-буџетот за 2024 година и децидно тврди дека тој никако не може да се смета за развоен. Вака се толкува, во разговор за „Локално“, анализата на потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Врз основа на презентацијата која ја имаше министерот за финансии Фатмир Бесими, Кочоска вели дека, ако најголем раст на расходна страна се предвидени за плати и притоа „апсолутно ништо не се прави за подобрување на инвестирањето односно нема конкретни капитални проекти за кои навистина ќе се гарантира реализација и притоа ќе бидат со додадена вредност, слабо е инвестирањето во приватниот сектор, лоша е продуктивноста и не може да се очекува развој.

-Дополнително, Владата планира раст на приходите за 10%, но на планирани приходи за 2023 година. Со оглед на тоа дека овие приходи нема да се реализираат како што е планирано, односно ќе недостигаат најмалку 200 милиони евра, тоа значи дека приходната страна нема да расте за 10%, туку за повеќе. Во вакви услови во кои што е економијата, не очекувам дека тие приходи ќе бидат реализирани. Тоа значи дека на првиот ребеланс на Буџетот за 2024 година, ќе се кратат капиталните расходи како што впрочем се прави во сите овие години додека е СДСМ на власт. А, кога се кратат капиталните расходи дополнително се дава сигнал дека економскиот развој на Владата не и е во прв план, оценува соговорничката.

Во однос дали е кроен за пред избори, Димитриеска Кочоска истакнува дека ќе се види кога ќе стигне на разгледување во собрание.

-Слободно можеме да кажеме дека Буџетот за 2024 година е кроен за избори. Откако поради неспособност и лични интереси (корупција, криминал) инфлацијата излезе од контрола, а се поради погрешни и ненавремени мерки, сега се зборува за помош на граѓани, при тоа замислете, баш таа помош им ја даваат во изборна година. Зошто тоа не го направија во 2022 кога инфлацијата го достигна плафонот или пак во 2023. И на крај, зошто дозволија да стане животот толку скап, а потоа да глумат дека сакаат да му помогнат на народот, прашува Димитриеска – Кочоска.

Таа смета дека ситуацијата со јавната администрација и тоа што следната година ќе бидат потребни за 18 отсто повеќе пари за платите на вработените во јавниот сектор е најгорливиот проблем, но потенцира дека и тие луѓе заслужуваат достоинствен живот.

-Владата требаше навреме да размислува за проблемот со инфлацијата. Ние како опозиција зборувавме дека почнува да расте инфлацијата во Македонија уште пред да почне воениот конфликт во Украина. Тоа беа првите знаци дека има домашни фактори кои ја движат. Уште во тој период Владата требаше да направи анализи што се случува. Откако целата работа им излезе од контрола и откако животот стана прескап и најголемиот дел од македонските семејства примаат плата само за да се прехаранат, логично е да се зголемат и нивните плати. Не ги цеди администрацијата платите, ги цеди власта која покрај сите погоре наведени причини и понатаму вработува. Онаа истата власт која не убедуваше дека администрацијата е превработена. Стапката на инфлација, барем според Бесими, се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6 отсто на годишно ниво. Реални ли се неговите проценки?, прашува Димитриеска Кочоска.