„Во услови на ваква криза, на ваков ценовен шок што го трпат граѓаните ребалансот на Буџетот наликува како некој таму да седнал во Владата и погледнал дека приходите од ДДВ-то се прибираат повеќе од тоа што првично им било проектирано и кажал во ред, продолжете понатаму. Значи 112 милиони евра се пари кои власта ќе ги собере од граѓаните. Имајќи в предвид дека во најголем дел платите ни се корегирани, значи ние зборуваме за минимална плата што е корегирана. Реално, кога ќе ги погледнете сите вработени ќе видите дека нема такво зголемување на платите, што значи дека буџетот на секој еден граѓанин е погоден. И во такви услови поради високиот ценовен шок вие одлучувате дека она што го планиравте во ноември како зголемување на приходите е малку и сега ви требаат уште 112 милиони евра повеќе да зафатите од граѓаните и стопанството“, истакна Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина насловена „Ценовен шок, сиромаштија и неспособна влада“.
Димитриеска Кочоска додаде дека власта во ваква тешка криза 112 милиони евра ќе земе од граѓаните и од стопанството.
„Не случајно предлагавме намалување на стапката на ДДВ за прехранбените производи, тие го намалија во некој дел, но не за сите. Сега заврши таа мерка. Власта проектирала дека за 6,9% ќе има поголем ДДВ во однос на претходната година. Ако се пресмета колку се тие 6,9% ќе се воочи дека само за првите четири месеци се има собрано повеќе од граѓаните од тоа што го планирала Владата. Односно 43 милиони евра повеќе само по основ на ДДВ. Но, да не заборавиме дека минималната плата не беше корегирана од јануари. Еве, ако се вадат на тоа дека дел од граѓаните имаат повисоки примања. Но, во ануари, февруари и март месец нема корекција на платата. Значи сето ова оди на грбот на граѓаните“, заклучи Димитриеска Кочоска.
Таа посочи дека она што најмногу ја изненадува е дека приходите годинава во однос на лани треба да бидат поголеми за 443 милиони евра. Тоа се пари што стопанството и граѓаните ќе ги дадат повеќе на државата и тоа само поради ценовните шокови. Граѓаните не живеат подобро и не купуваат повеќе производи, туку за жал ги купуваат истите производи со повисоки цена. А, во однос на 2020-та година тоа се 913 милиони евра повеќе приходи ќе се извлечат од граѓаните поради ценовните шокови.
„Во однос на акцизите поднесувавме веќе трет пат редлог закон за акцизите. Кај акцизите исто така прибирањето е значи многу поголемо во однос и на минатата година. Сега со ребалансот велат дека кај акцизите ќе соберат 437 милиони евра годинава, а лани беа 415 милиони евра. А, што е проблем од власта да се откажат од акцизите? 2020-та година изнесувале 365 милиони евра или да кажеме годинава, планираат 73 милиони евра повеќе од 2020-та година. Значи, ова се ненормално високи износи од кои може да се откажат. Зошто е важно? Затоа што граѓаните во исто време ќе имаат пониски цени. За корупција и криминал Владата да го осиромашува својот народ надвор од умот е ова“, нагласи Димитриеска Кочоска.
Таа укажа дека само во март се собрале по основ на акцизата 33% повеќе во однос на март 2021 година. А, по проекциите првични требале да соберат некаде 12,5% повеќе. Тоа значи дека и со мерките воведени од власта, се прибираат повеќе пари од граѓаните и стопанството.
„Во континуитет буџетскиот дефицит се зголемува, за 260 милиони евра има зголемување на расходната страна. Притоа власта вели дека 100 милиони евра скратила од непродуктивни трошоци. Ако скратила 100 милиони евра од овие 260 милиони евра, каде одат 360 милиони евра од Буџетот? Каде се распределуваат? Зголемувањето во тој дел од КОВИД мерките се 100 милиони евра. Имаме околу 52 милиони евра зголемување во субвенциите во земјоделие, некаде околу 70-тина милиони евра од прилика во труд и социјала. И сега кога ќе ги соберете сите тие бројки повторно некаде 50 до 60 милиони евра недостигаат. Каде се тие пари?“, запраша Димитриеска Кочоска.
Димитриеска Кочоска додаде дека ако се анализираат работите, може да се воочи дека има зголемување од 3,3 милиони евра во дневници за службени патувања. И тоа за половина година. И ако се пресметаат на ниво на цела година би биле 6,6 милиони евра. Околу 10 милиони евра се исплати во извршни исправи. Не се знае какви се тие 10 милиони евра. Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците за плати има зголемување за 300 илјади евра. Во своето обраќање таа нагласи дека горивата се скапи затоа што власта краде, но истовремено и не се откажува од 50 милиони евра годишно, колку што е буџетската импликација од 50% намалување на акцизата.