-Да погледнеме едно видео со истите лажни ветувања кои денес ги кажува Заев, а кои ги кажуваше и во август 2019-та година. Зоран Заев пред 2 години ветуваше 5 милијарди eвра инвестициски циклус. Ни инвестиции видовме, ни бутур. Напротив долгот порасна 1,7 милијарда евра и е на историски највисоко ниво од околу 63% од БДП, буџетска дупка само оваа година е проектирана на околу 570 милиони евра и ништо од големиот инвестициски бран. Овие денешни инвестиции кои ги ветува се реални колку ветените 500 километри нов автопат кои ги даваше пред неколку години – изјави на денешната прес конференција, Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Нема да не изненади доколку вети и 800 милијарди евра, бидејќи хартијата ги трпи лагите на Заев, ама народот памти колку пати излажал. Зоран Заев секогаш кога е загрозен од криминални афери, веднаш излегува и ветува милијарди евра инвестиции. Тоа јавноста веќе го прочита и не им верува затоа што неговиот збор не вреди исто како и неговите планови. Најкорумпираната влада во Европа предводена од Зоран Заев, наместо работа нуди нови шарени лаги и замајување на јавноста. Да можеа имаа 4 години нешто да направат во економијата, а во реалноста ни се случува секојдневно тонење и осиромашување. Не беа способни да ги реализираат ни тие 5 милијарди евра кои ги ветуваа пред некое време , нема да можат ни овие нови милијарди евра кои сега ги ветуваат. Да сакаа да направат нешто барем ќе ги завршеа проектите кои ги остави ВМРО-ДПМНЕ или барем ќе го доградеа автопатот Кичево-Охрид. Но едноставно, неспособни се, вели таа.
Димитриеска – Кочоска посочува дека податоците и бројките се немилосрдни. Тие покажуваат дека оваа година заклучно со месец мај кој поминува, реализацијата на капиталните инвестиции изнесува само 22%.
-Фијаско и целосна неспособност. Патем ако се земе предвид дека многу помалку се предвидуваат средства за капитални расходи во споредба со вкупниот буџет, ваквите бројки се уште покатастрофални. Впрочем за периодот на владеење на СДСМ од 2017-2020 година, капиталните расходи се само 7,8% од вкупните буџетски расходи, наспроти периодот од 2008-2016 година кога во просек капиталните расходи беа 11% од вкупни буџетски расходи (при две кризи). Тоа говори дека плановите за јавни инвестиции за кои говори власта на Заев за периодот 2021-2026 со ова темпо на реализација кое е во просек 490 милиони евра годишно (инвестиции од буџет, општини и претпријатија во државна сопственост) ќе им треба во најдобар случај 12 години. Не само ВМРО-ДПМНЕ, не само експертите во Македонија, туку и ММФ им кажува дека ова се само желби на владата и гол ПиАр надвор од реалноста и капацитетите на оваа власт – децидна е таа.
ММФ им порачува дека е потребна КРЕДИБИЛНА среднорочна фискална стратегија за да имаме простор за инвестициските потреби на земјата. Тоа значи дека власта треба да создаде клима за инвестиции и поголем опфат за наплата на даноци кои ќе создадат простор за зголемување на продуктивните трошоци во области како што се здравството, образованието и инфраструктурата. Оваа власт напротив ниту успеа да создаде инвестициска клима поради која сме на дното во регионот по странски директни инвестиции, а дополнително не ја сузби сивата економија и евазијата на даноци кои нараснаа дури до 38%. Економската политика на власта на Заев се сведе на купи ден помини, која граѓаните многу скапо ја плаќаат, затоа што е неодржлива и базирана на галопирачки скок на долгот кој потоа генерации ќе треба да го враќаат. Како што граѓаните не видоа никакви капитални инвестиции од новиот долг од 2,4 милијарди евра кој што генерираа за време на нивната власт, така нема ништо да има и од овие бајки за нови милијарди евра инвестициски циклус. Причината е јасна, половина од парите нема да се реализираат поради нивната неспособност и неработење, а другата половина ќе ги изеде корупцијата и криминалот, додаде Димитриеска-Кочоска.