Димитриев: Да извлечеме поуки за да можеме и во иднина да носиме правилни одлуки

димитриев

За мене е најбитно, дека и покрај сериозните предизвици со кои се соочуваше нашата земја, економските политики кои ги спроведуваше владата дадоа резултати, можеби не во онаа мера во која посакувавме и очекувавме но дека резултати има тоа никој не би можел да го спори. Невработеноста продолжи да се намалува и достигна ниво од 23,5%, кое е сеуште високо и треба да работиме да се намалува, но тоа претставува успех кој е резултат на 10 годишни политики и на многу вложен труд. Се реализираа и политики за понатамошно унапредување на стандардот на населението, и се ализираа проекти кои имаат и директно и индиректно позитивно влијание. Тоа ни дава поука и во следниот период, без разлика на се, како политичари секогаш да бидеме фокусирани пред се на екномијата, и таа да е секогаш наш приоритет од кој не треба да се отргне фокусот ниту во мигови на најголеми предизвици, бидејќи раст и развој на економијата е врвна стратешка определба и врвна обврска пред народот. Кој ќе ја игнорира економијата тој се игнорира себеси, а која работи за економски просперитет тој ќе има почит од народот.

Во минатата година како држава се соочивме со мигрантската криза која е сеуште еден актуелен проблем во светски размери. Република Македонија имаше клучна улога во справувањето со овој глобален феномен и тоа беше истакнато од многу светски и европски лидери. Тоа го сторивме со помош на нашите пријатели, но пред се потпирајќи се на домашните економски и кадровски ресурси и капацитети, и затоа оваа наша засулга е поголема бидејќи е остварена со сопствени сили. Ова потврдува дека ние имаме капацитети, и дека наместо да се потценуваме, треба реално да ја согледуваме и да си ја вреднуваме нашата улога и позиција, која воопшто не е мала особено во надминувањето на овој предизвик. Ова пак уште повеќе ја покажува потребата и значајноста за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија, нешто што е од интерес и на нашата земја но и на европското и евроатланстко семејство, и што ќе значи креација на простор кој подобро ќе се справува со ризици и предизвици, но и подобро ќе ја развива економијата.

Во 2016 година, реализиравме и предвремени парламентарни избори, кои беа оценети како фер и демократски од целата меѓународна заедница. Тоа за мене не беше новина, затоа што сум убеден дека сите досегашни избори кои беа спроведени ги задоволуваа демократските стандарди, а препораките за подобрување на изборниот процес секогаш уредно ги адресиравме. Владата за спроведување на изборите која ја предводев, иако функционираше во специфични и невообичаени околности, и се соочуваше со многу проблеми во своето функционирање, сепак успеа да опстане на висината на задачата. Но пред се, квалитетните избори се заслуга на целиот народ, кој покажа дека и денес е, а и во минатото бил свесен и демократски ориентиран, на рамниште на европските народи. Народ кој си ја сака земјата и се грижи за неа, и на кого му се битни националните и државни интереси. Ова ни покажува дека никој подобро и повеќе не може да се грижи за нашите работи отколку што можеме ние самите да се грижиме.

Нам ни е потребен период на стабилизација и фокусирање на реалните проблеми, за вработувања, за подобро образование и здравство, за инвестиции во инфраструктурата и во сите потребни области. И јас сум убеден  дека ние имаме сила да постигнуваме успеси.

Политчката влада која треба да биде избрана треба да води сметка за интересот на народот и да ги решава секојдневните проблеми со кои се соочува народот, без алибија, без дефокусирања, без деструкција, туку со многу мудри одлуки, со многу труд  и со посветен и одговорен пристап, со сопствени сили. И пред се со почитување на дражвните и национални интереси на Република Македонија, ваква каква што е и за која се залагале и бореле нашите предци и во која треба да живеат во заедништво нашите поколенија.

На сите вас, почитувани граѓани, во новата година ви посакувам многу здравје и среќа, бериќет и благосостојба во вашите семејства, и можости за приватен и професионален развој. И секогаш имајте верба во вас лично, во вашето семејство, во вашите сограѓани и во нашата татковина Република Македонија.