Димитриев: Над 1,8 милиони евра нови инвестиции во Македонска Каменица

Премиерот Емил Димитриев денеска најави нов инветициски циклус за Македонска Каменица, каде присуствуваше на отворање улица во центарот на градот што го поврзува со Каменичка Река.

– Оваа улица која денеска ја пуштаме во употреба е дел од новиот инвестициски циклус во висина од над 1,8 милиони евра, што како Влада и Општина го реализираме во Македонска Каменица за нови капитални и инфраструктурни проекти за подобрување на условите за живот, како во централното градско подрачје, така и во населените места, рече премиерот Димитриев.

Најави изградба на културен дом, дневен центар за деца со посебни потреби, изградба на локалниот пат од село Саса до Мечкарска Маала, патните правци Дулица, Цера, Моштица и Саса, како и поголем број улици во централното градско подрачје.

– Дополнително на ова го започнавме и проектот за обнова на регионалниот пат Кочани – Македонска Каменица – Делчево во должина од 31 километар, каде инвестираме шест милиони евра. Исклучително значаен патен правец за граѓаните на Македонска Каменица и останатите општини од овој регион кои согласно предвидената динамика очекуваме да биде целосно обновен за 18 месеци, рече Димитриев.

Потсети дека проектите што досега се реализирани во овој град во источниот дел на Македонија се пример за тоа како со заеднички сили и напори на Владата и Градоначалникот може да се решат проблемите на граѓаните, да се подобрат условите за живот и да се инвестира во поуспешна општина.

Димитриев потсети на изградената спортска сала во училиштето „Миле Јаневски Џингар“, изграденото повеќенаменско игралиште, Дневниот центар за стари лица во Саса и тенискиот терен кој е во завршна фаза на градба.

Премиерот Димитриев денеска ќе присуствува на одбележувањето на 10-годишниот јубилеј од рестартирањето и 50 години од отворањето на рудникот „Саса“ од Македонска Каменица.

На пуштањето во употреба на улицата во центарот на Македонска Каменица се обрати и градоначалникот на овој град Дарко Митевски. Улицата во центарот на Македонска Каменица е комплетно направена со тротоари, осветлување и хортикултурно уредување.

Градоначалникот Митевски рече дека тие како локални функционери одамна започнале со нивната револуција која со поддршка на Владата е инфраструктурна и економска. Потсети на проектите што се реализирани во градот како современ пазар, градска капела, современ градски плоштад, спортски игралишта, целосно нова секундарна водоводна мрежа, километри локални патишта и револуција во патната инфраструктура на општината.

Инаку, на свеченоста присуствуваа и градоначалниците од градовите од источниот плански регион.