Димитриев: Опозицијата може да одбере било кој закон за медиуми од 28-те земји членки на ЕУ

Опозицијата може да одбере било кој закон за медиуми од 28-те земји членки на ЕУ, порача премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев.

Во однос на медиумите сум информиран дека се што е поврзано со организацијата на изборите во април 2016 година е договорено и вградено во последните измени на Изборниот закон усвоен од сите партии во Парламентот. Во тој закон стојат јасно и прецизно сите правила поврзани со изборите кои медиумите мора да ги почитуваат, а правилата се однесуваат на давање на еднаков пристап до јавноста, како и обврски за еднаков пристап до рекламен простор кај радиодифузерите и до простор во информативната програма на јавниот радиодифузен сервис. Тоа стои јасно во Изборниот закон. Оттука, секој понатамошен обид за проблематизирање на медиумите само придонесува во креирање на негативен амбиент и намерно отворање на теми кои немаат врска со слободата на медиумите туку имаат со нечии обиди за укинување на таа слобода, рече Димитриев.

Во Изборниот законик на барање на СДСМ беа внесени следните работи:

–      Забрана медиумите да спонзорираат политичка кампања на било која партија

–      Политичките партии ќе имаат еднакво време за бесплатна презентација на МТВ

–      Обезбедена е законска гаранција за пристап до рекламен простор на секоја партија на сите комерцијални медиуми

–      Медиумите нема да смеат да ги менуваат ценовниците за рекламирање на политичките партии и ценовникот треба да биде ист за сите политички партии

–      Во информативната програма на МТВ законот обезбедува еднаков пристап и тоа по 30% за партиите на власт и 30% за партите од опозиција

–      МТВ е должна да организира дебатни емисии

–     Известувањето за редовните активности на институциите не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту една политичка партија

–      Забрана за политичко рекламирање на сите медиуми која стапи на сила на 20 декември 2015 година

–      Забрана за владино рекламирање.

Дополнително, охрабрува фактот што ВМРО-ДПМНЕ даде бланко поддршка за било кој европски закон да се имплементира во Македонија. Македонија цели кон Европската Унија и нејзините стандарди, и оттука ја поздравувам одлуката на ВМРО-ДПМНЕ практично да покаже целосна отвореност за прифаќање на било кој закон од било која земја членка на ЕУ. Има 28 земји членки на ЕУ и опозицијата може слободно да одбере кој закон сака да го превземе и за тоа ќе ја има поддршката од другите партии. Значи и за ова топката е кај опозицијата. Дозволете да информирам за да не се заборави дека, постојниот закон за медиум беше донесен со поддршка на Европската Унија и дури и ги доби највисоките оценки. За поздравување е и напорот на 5-те национални медиуми, ТЕЛМА, АЛСАТ, СИТЕЛ, КАНАЛ 5 и АЛФА, да дадат свој придонес во ова дебата, и исто така ги поздравувам и обидите на двете новинарски здруженија МАН и ЗНМ да помогнат, заклучи тој.