Денеска имавме конструктивна и позитивна втора средба по моето именување со амбасадорите на ЕУ и САД во Македонија. Ова го изјави премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев по средбата со амбасадорите.
Имавме добра средба, и како и минатиот пат ги изложив моите видувања и преземени активности во контекст на мојот мандат, а тоа е организација на изборите на 24-ти април. Во меѓувреме одржавме и две средби со Државната изборна комисија, и ги преземавме како Влада сите неопходни мерки, а во функција на одржување на фер и демократски избори. Ова го правиме со полна пареа, но и одговорност и сериозност, свесни дека народот го очекува тоа од нас, и свесни дека одржување на изборите на 24-ти април води кон излез од оваа криза која и беше наметната на нашата земја. Граѓаните на Република Македонија очекуваат од сите нас оваа криза да заврши ден поскоро и ние имаме одговорност да го направиме тоа, истакна Димитриев.