По повод терористичките напади на аеродромот „Ататурк“ во Турција претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев упати телеграма со сочуство до неговиот турски колега Бинали Јилдирим.
Со згрозеност ја примив веста за терористичките напади на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, во кои животот го загубија голем број на лица и каде има голем број на повредени.
Во овие тешки мигови на тага на пријателскиот народ на Турција, дозволете ми да изразам сочувство на семејствата на жртвите на овој варварски и антицивилизациски чин, а на повредените да им посакам брзо закрепнување.
Мислите и молитвите на македонските граѓани се со граѓаните на Турција.
Република Македонија остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади и дава безрезервна поддршка на Република Турција во борбата против тероризмот, со кој сите се соочуваме.
Истанбул и Република Турција во изминатиов период дадоа многу жртви во борбата против тероризмот. Нападите на Турција не се само напади врз мирот и слободата на турскиот народ, туку претставуваат и атак врз целиот слободољубив свет. Како никогаш досега, потребно ни е заедништво, солидарност и одлучност во борбата против сите оние сили кои преку насилство и терор сакаат да внесат страв и омраза, притоа уништувајќи го просперитетот и сите цивилизациските придобивки кои генерациите зад нас истрајно ги создавале.
Во овие тешки мигови, уште еднаш примете ги изразите на моето искрено сочувство, се вели во телеграмата на Димитриев.