По повод терористичкиот напад во Ница, претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев, испрати сочувство до премиерот на Република Франција, Мануел Валс.
Интегрален текст од телеграмата:
Со згрозеност ги примив вестите за терористичкиот напад во Ница, во кој на особено суров начин животите ги загубија голем број на лица и каде има голем број на повредени. Во овие тешки мигови на тага, дозволете ми да изразам сочувство до Вас и до семејствата на жртвите на овој брутален напад, а на повредените да им посакам брзо закрепнување.
Жалам што Република Франција и францускиот народ повторно се жртва на монструозен терористички акт и што повторно плаќаат висока цена во борбата против тероризмот, кој се профилира како најголемата закана за целото човештво во дваесет и првиот век. Извршувањето на терористичкиот напад на Денот на Бастиља е обид за сквернавење на духот на Француската Република и на вредностите на кои се темели истата. Овие вредности се основ на државното и општествено уредување на бројни земји во светот и оттука е неопходно сите да покажеме солидарност со францускиот народ. Република Македонија како и до сега, ја дава целата своја поддршка во борбата против тероризмот и во целост застанува зад Француската Република во напорите да му се застане на патот на ова зло.
Посакувам францускиот народ брзо да ги залечи раните од овој напад и да излезе уште пообединет и поединствен во надминување на безбедносните предизвици. Изградбата на подобар, поправеден и побезбеден свет е невозможна без француската поддршка и затоа е неопходно истата да продолжи со несмален интензитет.
Во овие мигови на национална тага, уште еднаш примете ги изразите на моето искрено сочувство.