Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски, вечерва во дебатата на телевизија 24 потенцираше за узурпацијата на системот на МВР, нешто што денеска 5 години подоцна требало да биде минато во земјава.
„Потрошивме многу време на улица заедно за да го спречиме тоа, да не повтори никогаш. Ако се сеќавате на слоганите „Нема правда нема мир“ и „ова повеќе никогаш нема да дозволиме да се случува“, тоа уште повулгарно се случува во Куманово. Она што беше вчера можам да кажам само дека беше премногу промискуитетно, бидејќи недозволиво е такво инволвирање на полицијата и во изборниот процес и злоупотреба на позициите на многу полициски службеници. Голем дел од нив директно ангажирано во шеста управа, некои во личното обезбедување на министерот Спасовски, директно да учествуваат во монтирање на еден изборен процес. Но, за тоа ќе зборуваме после изборите, сега сакам да се насочам исклучиво на проектите и развојот на Куманово. Впрочем, четири години ги поминав на тоа. Решивме голем број на проблеми, а некои поединци доколку имаат доблест еден ден ќе се срамат“, рече Димитриевски.
Според него во државата има урупирани политички партии, трансформирани во акционерски друштва коишто функционираат по желба на поединец, алудирајќи во прв ред на СДСМ, од која беше остранет по одлуката наместо него да биде кандидиран Оливер Илиевски, а Димитриевски се одлучи да настапи како независен кандидат и влезе во вториот изборен круг.
„Работат врз база на проценка на полипбирото, се носат највисоките одлуки горе, се спуштаат на Централен одбор, на Извршен одбор, членовите само се констатираат, ако има дебата или нема. Многу ретко се свикува седница и се постапува по желбите на полибирото и тука е узурпацијата. Недостатокот на демократија е резултат овој денеска во Куманово којшто го имаме, бидејќи кога сакате на некого да му дадете тогаш тоа не можете да го направите со сила“, изјави Димитриевски.