Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски смета дека владата направила лапсус со изборот на Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија. Тој во интервју за Сител вели дека повикот на поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски Централниот одбор на партијата да се огради од ставот на премиерот Зоран Заев изнесен во интервјуто за бугарски медиум.
– Сметам дека е направен голем лапсус од страна на Владата со изборот на Владо Бучковски затоа што требало да се види интервјуто за ТВ Европа кај почитуваниот новинар Ѓорѓи Коритаров којшто многу јасно и недвосмислено зборува за некои моменти кои не се дел од општоприфатливата историја која почива на факти коишто се втемелени кај нас и мислам дека истиот нема да даде соодветен придонесе во равојот и разрешување на овие на наметнатите проблеми од една страна, бидејќи овие проблеми не ги отвори македонската страна. Ние се обидуваме да го задржиме тоа што е наше и отсекогаш било наше. Ако се вратиме на сведоштвата низ историјата и сите оние напаѓања дека Македонија и македонскиот народ постои од 1944 година, тоа е апсолутна невистина. Низ историјата на нашиот народ постојат голем број пишани и непишани преродбеници.
Ќе споделам еден пример, од селото од каде што потекнува дедо ми, чие што име го носам, тоа е село Радибуш. Во 1864 година, тогашниот свештеник Ѓорѓи вели во еден записник напишан на старословенски јазик со старословенско писмо дека неговиот татко исто така свештеник го земал името Македонски и се презивал Димитрие Македонски затоа што се чувствувал како Македонец. Желбата да создадеме свој народ и нација влече корени на овие простори од периодот и кога современите нации ги создаваат своите нации во современа Европа. Апсолутно е апсурдно да се оспорува такво нешто, а на ваков начин со една самонегација, особено на луѓе коишто нас би не претставувале мислам дека е погрешен пристап. Затоа и го осудив тоа интервју. Владата треба да го има во предвид ставот на професорот Бучковски, бидејќи нема простор за додворување овде. Единствено што на македонецот му останува во овој момент се фактите и достоинството што нас не одржало низ нашата етногенеза децении и векови наназад да опстанеме на овие простори – вели Димитриевски..
За интервјуто пак, на премиерот Заев, Димитриевски вели дека повикот на поранешниот претседател Црвенковски е разбирлив.
– Ако веќе излегува со еден таков став, а познавајќи го не само него, туку и сите досегашни претседатели на мојата партија, знам дека Црвенковски може да се откаже од сè, но од Македонија и од СДСМ не. И затоа, верувам дека тие пораки се добронамерни. Спрема она интервју кое вчера го гледав на канал 77, гледам дека веќе има одредено омекнување и корекција на ставовите што лично ми е драго. Првичните ставови што беа дадени за БГНЕС не кореспондираа со она што е суштински во нашата држава. Беа изнесени многу ставови со кои сеопштата јавност не се согласува. Јас разбирам дека ние мораме да имаме преговори во кои, како помала држава што сака да влезе во Европската унија, треба да има и одредени помеки ставови во делот на дипломатијата и развојот на нашите односи, бидејќи нашите односи како држави се добри, а односите меѓу граѓаните на Македонија и на Бугарија се одлични. Но, факт е дека во овој момент од бугарската страна, поради тешкиот политички момент во државата и претстојните избори, се наметнуваат одредени тези и сето тоа се затвори, поткрепи со една декларација на нивниот парламент и, всушност, ние имаме еден сеопшт политички консензус. Ако сакаме да добиеме датум за преговори и поддршка од Бугарија, не декларативно како што ја најавуваа неколку години наназад, туку суштинска, тогаш нашите преговарачи мора да постапуваат во помека форма, но никогаш до момент на самопонижување или, пак, бегање од вистината. Куманово е ослободено од страна македонските партизани. Има живи сведоци, имаме голем број на личности. Еден Трајко Бузо кој е покоен, да беше жив ќе објаснеше како излегол со Томсон пред тогашните сојузнички сили да укаже дека не му е дозволен на ниту еден припадник од страна на Отечествениот фронт, Црвената армија и останатите да влезат како ослободители во Куманово. Од друга страна, Мемоарите на Михајло Апостолски кој е еден од најголемите војнички умови во современата македонска историја, точно јасно и децидно го опишуваат секој момент, а господинот Каракачанов вчера правеше шали со неговото име. Тоа е недозволиво – вели Димитриесвки.