Димитриевски: Кумановци се слободоумни луѓе кои го имаат генот на нашите револуционери

Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово, Максим Димитриевски, истакна во неделата дека граѓаните кои присуствувале на Конвенцијата се слободоумни граѓани на Куманово кои го имаат генот на Христијан Тодоровски Карпош, на Бајрам Шабани и на многу други наши револуционери.

Димитриевски, на локалните избори ќе настапи под независната иницијатива „За наше Куманово“.

„Граѓанскиот концепт За наше Куманово не должи никому, должи на вас граѓаните. Не се водиме врз база на политичкото убедување на поединци коишто го узурпираа политичкиот и јавниот простор во државата и сакаат да создадат концепт на приватна општина и приватна држава. Куманово има капацитет, се развивало и ќе продолжи дополнително да се развива, расте и да се трансформира во еден модерен и европски град. Одговорно, чесно, посветено и смело продолжуваме напред! Ве повикувам масовно да излезете на 17-ти октомври и да ја дадете поддршката за овој концепт“, порачува Димитриевски.