Димитров-Борел: Координација, солидарност и канализирање на поддршката за Западен Балкан од ЕУ

Министерот за надворешни работи Никола Димитров телефонски разговараше со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, во светло на донесувањето позитивна одлука од Советот за општи работи за започнување пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Како што соопшти МНР, двајцата изразија големо задоволство од одлуката на министрите на ЕУ да започнат преговори за пристапување и за Северна Македонија и за Албанија, особено во вакви отежнати околности. Во тој контекст, тие се согласија и ја истакнаа потребата од меѓународна соработка за ефикасно решавање на овој глобален предизвик.

Димитров, се додава, го информираше соговорникот за предизвиците со кои се соочува земјата, како за граѓаните дома, така и за оние затекнати надвор. При тоа, се наведува, тие се договорија за максимални напори од двете страни за координирање на активностите со цел помош и на европските и на македонските граѓани, како при нивната репатријација, така и при нивната заштита во борбата против коронавирусот.

-Беше конкретно разговарано за пренасочување на европските пари од други програми за Северна Македонија и дополнителна помош во борбата против пандемијата. Високиот претставник Борел ја поздрави одлуката на Владата на Северна Македонија да го активира механизмот на ЕУ за цивилна заштита, стои во соопштението од МНР.