![dimitrov gir](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/09/dimitrov-gir.jpg?resize=696%2C522&ssl=1)
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров денеска оствари средба со новоименуваниот евроамбасадор во земјава, Дејвид Гир.
Посакувајќи му добредојде и успешен мандат на функцијата шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава, Димитров ја истакна досегашната плодна соработка како со неговите претходници, така и со локалниот тим во ЕУ Делегацијата.
-Пристигнувањето на амбасадорот Гир и неговото именување како највисок претставник на европските институции во Македонија, се случува во клучен момент за европскиот пат на земјата, на кој што повеќе од добредојдени се неговото искуство и експертиза. Уште еден европски пријател во вистински момент за креирање на резултати и убави вести за граѓаните – заеднички да ја отвориме најважната страница, почеток на преговорите со Унијата, а со тоа и почеток на воведување на европските стандари дома, истакна Димитров, соопшти неговиот кабинет.
Двајцата размениле мислења за реформскиот напредок, годишниот извештај од Европската комисија, како и нејзиниот пакет за проширување, одржувањето на првата меѓувладина конференција, економскиот и инвестициски план, ИПА 3 програмирањето – клучни теми за кои токму СЕП и ДЕУ ќе бидат во блиска комуникација.
-Беше изразена надеж, но и уверување дека токму за време на мандатот на евроамбасадорот Гир, преку координирана и продлабочена соработка, изгледите за членството во ЕУ ќе бидат уште поопипливи, а со тоа и стандардите на македонските граѓани, преку самиот евроинтегративен процес, видливо подобрени, стои во соопштението.