Во рамките на работната посета на Брисел, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на Советот за општи работи на ЕУ, се сретнаа со министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде и со министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто.
Како што соопштија од владината прес-служба, акцент на разговорите на сите средби, биле следните чекори на европскиот пат на Македонија, вклучувајќи го усвојувањето на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Димитров и Османи потсетиле на севкупните постигнувања на земјата во изминатиот период, како на домашен план, така и на планот на унапредување на регионалните, и пред сѐ, на добрососедските односи.
Како што се наведува во соопштението, министрите Линде и Хависто, изразиле конзистентна и принципиелна поддршка за нашите европски интеграции.
Посетата на Брисел на Димитров и Османи продолжува со средба со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја претседавач со Советот на ЕУ.