Димитров најави „нов момент“ со Грција: Можно ли е промена на името?

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров пред денешната посета на неговиот грчки колега, Никос Коѕиас изјави дека важно е и за Грција да го препознае новиот момент во Македонија и да го поддржи.

Дали новиот момент, меѓу редови е подготвеноста на новата Влада за промена на името на државата?

Инаку, претходно Димитров во интервју за Фајненшл Тајм изјавил дека Македонија размислува за промена на името.

-Македонија ќе ја разгледа можноста да го смени името, за да се обиде да го одблокира грчкото противење за членство во НАТО, изјави министерот за ФТ.

Премиерот Зоран Заев уште кога беше во опозиција изјави дека Македонија треба да ја свитка кичмата кога во прашање е името на државата, пишува „Курир“.

Меѓутоа, Заев во едно гостување на Телевизија Алсат истакна и дека патриотизмот не му приличи на СДСМ, како социјал-демократска партија.

-Се обидовме во неколку наврати да играме на политики на патриотизмот како партика на која не и приличи таа политика. И тука апсолутно загубивме. Чесно е да признаеме за да бараме шанса секако, за во иднина да не правиме вакви грешки. Од нас народот не очекува да изиграваме патриоти. Ние сме државотворната партија, ние сме партијата која што беше пример за меѓуетничкиот соживот. Ние сме партија која што ја стави на стабилни нозе оваа наша земја. Така што, обидувајќи се да ќариме поени кај граѓаните играјќи на патриотски варијанти, ќе ги набројам неколку, Законот за бранители, Струга и Кичево, многу варијанти не ни приличат на нас Социјал-демократите, изјави Заев.

Пред да се случи „новиот момент“ на Димитров, тој заедно со Зоран Заев го потпиша договорот за добрососедство со Бугарија.

На договорот остро реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, па пратеникот од таа партија, Владимир Ѓорчев истакна дека сакаат да се потпише договор, но не под условите под кои се потпиша.

-Власта чувствува дека Македонците се вознемирени од договорот. Зборуваме за борба што трае со векови, а сето тоа во моментов е ставено под прашалник поради договор спроведен во неколку недели. Апелираме до власта да се исправат неколку работи во договорот. Ние сакаме да се потпише договор, но не под овие услови и со оние забелешки што ги дадовме. Спорните точки за кои ВМРО-ДПМНЕ  имаше забелешка, на крајот беа се прифатија во полза на Бугарија. Тоа не е компромис. Додека Бугарија го пречека тримфално, кај нас договорот се криеше со месеци, зашто знаеа какви  ќе бидат реакциите. Сега 4-5 дена пред потпишувањето, власта ја стави пред свршен чин целата јавност, истакна Ѓорчев пред потпишувањето на договорот.

Остри реакции стигнаа и од експертите. Професорот по историја Никола Жежов пред потпишувањето истакна дека нацрт везијата на договорот за добрососедство е неприфатлива за Македонија и македонскиот народ.

– Тоа според мене е делот што се однесува за заедничка историја меѓу Република Бугарија и Република Македонија. Тоа во целост е неприфатливо за РМ, бидејќи онака како што го дознаваме од медиумите во таква форма, задира во македонските државни и национални интереси, задира во идентитетот, задира во суштината на македонскиот јазик и македонската историја, истакна Жежов.

Потенцира дека за нас е неприфатливо бидејќи ќе биде штетно, а последиците, вели Жежов, ќе бидат долготрајни и тешко ќе може да се санираат некогаш.

Поранешниот дипломат, Ристо Никовски пред да биде потпишан истакна дека договорот има скриени намери.

-Мислам дека ова што се прави со Бугарија е историски погрешно и да се тврди дека со Бугарите имаме заедничка историја е една непростлива грешка, а со други зборови ние сме Бугари само неосвестени иако дел од историјата ни е заедничка како на пример Никола Вапцаров кој пишува на бугарски, тој бил Македонец како една плејада на Македонци кои живееле во Софија и тие може на еден начин да ги прифаќаат Бугарите, меѓутоа тој Вапцаров пишувал дека оваа земја Бугарија не е моја. Така да тука има дел што може да се слави заедно, но во никој случај Илинденското востание, кое симбол на нашата борба и слобода и дека тука има работи кои треба да се расчистуваат, рече Никовски.