Преспанскиот договор беше возможен затоа што македонскиот идентитет не беше чепнат. Во дел од прашањата што ги отвора Софија се навлегува во нешто во кое што Софија нема право – македонскиот идентитет, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за МИА.
– Односите меѓу државите во 21 век се темелат на принципи, на меѓународно право и на европски вредности. Државите признаваат други држави и влади, меѓутоа не признаваат идентитети или јазици. Тоа е право на самоопределување на секоја нација, на секој народ. И претходно, меѓутоа, посебно во Европа и посебно во 21 век. Кога Бугарија ја признала независна тогаш Република Македонија, тоа доаѓа и со признавање на нашето суверено право да бидеме кои сме за македонскиот народ Македонци кои зборуваат македонски јазик – посочува Димитров.
Тој потсетува дека од Лисабонскиот договор, од Повелбата за основни човекови права на Европската Унија, Европската Унија има куп документи коишто го потврдуваат ова право на самооопределување, коешто, вели, е наша работа.
– Проблемите, разликите што ги отвора Бугарија немаат правна основа. Ние сме соседи, ние имаме силен интерес за добри односи, меѓутоа тие добри односи не можат да се градат кога сме предизвикани на нешто што е многу наша внатрешна работа. И затоа мислам дека не гледам поинакво решение на овие проблеми, освен во рамките на меѓународното право, меѓународните договори, почитување… Договорот за пријателство што го потпишавме со Бугарија во Преамбулата меѓудругото вели дека двете земји ќе градат блиски и пријателски односи врз основа на заемно почитување. Тоа взаемно почитување апсолутно вклучува и почитување на нашето суверено право да бидеме тие кои сме, Македонци кои зборуваат македонски јазик – истакна Димитров.
Тој повтори дека Договорот од Преспа затвори едно прашање што ни беше обврска од Советот за безбедност на Обединетите нации, уште од 93-та година и оти со тој Договор, што беше можен само поради тоа што Грција го прифати нашето право на самоопределување, ние го зачувавме македонскиот идентитет, инаку немаше да биде можен Преспанскиот договор.
Со Бугарија, вели вицепремиерот, ние имаме апсолутно суштински интерес за пријателство и за надминување на разликите, меѓутоа, прашањата што ги отвора Бугарија немаат правна основа.
– Нас, по завршување на процесот во Обединетите нации, ниту Бугарија, ниту било која друга држава во светот може да ни вели каков јазик зборуваме. Тоа е наша работа. И во таа смисла Договорот за пријателство, всушност, вели имаме разлики очигледно, во контекст на историјата, ќе формираме Комисија историчарите да разговараат за тие разлики, а ние како политика и како влади ќе работиме на иднината, ќе соработуваме и меѓудругото ќе ја имаме и поддршката на Бугарија за членство во НАТО, што се случи и благодарни сме за тоа, и ќе ја имаме нивната помош на европскиот пат, членот 2 од Договорот за пријателство – посочи Димитров.
Тој појасни дека едниот договор ги надминува проблемите во содржината, во меритот, а другиот договор создава механизам, меѓутоа природата на проблемите е различна.
– И оние коишто велат и коишто мислат дека тоа што ние успеавме да ја тргнеме блокадата од Грција преку Преспанскиот договор, па сега ќе мора и околу Бугарија да направиме компромиси за да ја тргнеме нивната блокада, всушност прават една грешка што нашиот народ ја нарекува мешање на баби и жаби, или пак Американците тоа го нарекуваат мешање на портокали со домати – оценува вицепремиерот.
Вицепремиерот посочува дека ако ист поглед кон сите историски прашања беше услов за европските интеграции, Европската Унија немаше да постои и оти има многу личности и настани на коишто се гледа различно во една земја-членка, од друга земја-членка.
– И да се биде европски значи да се научи да се живее со овие разлики и покрај разликите да се градат добри односи и да се создава пријателство итн…Тоа во историјата го нарекуваат мултиперспективност, да речеме. И јас мислам дека за нас како Македонци е здраво со целосно отворени очи да погледнеме назад во сопствената историја. Меѓутоа, тоа не може да биде на штета на сегашноста на нашето право на самоопределување, и не може да се случи под уцена. И ние и Бугарите и многу други балкански народи имаат изрека „со сила убавина не бидува“ – заклучува Димитров во интервјуто за МИА.