Димитров убедува дека идејата на францускиот нон-пејпер е забрзување на процесот на преговори

Во францускиот нон-пејпер има идеи што се добри и има идеи што нема да бидат лесно спроведливи. Важно е што крајот на процесот е полноправно членство, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров, одговарајќи на новинарско прашање за ставот на Владата во однос на францускиот предлог за реформа на преговарачкиот процес за членство во ЕУ.

Тој појасни дека Владата одржала средба со сите надлежни ресори и разговарала со многу од експертите за францускиот нон-пејпер.

– Важно е што се става акцент кога се презентира нон-пејперот дека идејата е да се забрза процесот. За нас е важно во регионот да има еден процес за да можеме да се натпреваруваме рамноправно со другите земји кои веќе се во пристапниот процес како што се Црна Гора и Србија, инаку нема да има реформски натпревар. И важно е што поитно да се постигне консензус меѓу земјите членки, за овој процес да се отвори, изјави министерот Димитров.

Европскиот пат, рече Димитров, е во фокусот на граѓаните по не добивањето на одлуката во октомври од страна на Европскиот совет и мислам дека во следниот период мојата клучна порака и овде и на сите средби со министрите на земјите членки ќе биде дека потребно е итно и без одлагање донесување на одлука за почеток на пристапните преговори.

– Тоа е важно за нашите напори дома, важно е за Балканот, меѓутоа важно е и за сериозноста и кредибилитетот на ЕУ во контекст на политиката на проширување на Западниот Балкан. Тоа ќе овозможи да се создаде политичка атмосфера и да се усоврши процесот на пристапување во светлината на оние земји членки кои сметаат дека е потребно да се подобри методологијата за да биде процесот вистински трансформативен, поефикасен и побрз. А и граѓаните од регионот да имаат побрзи бенефиции од реформските чекори, изјави Димитров.