Димитровски: Лидерската средба помеѓу Ковачевски и Мицкоски требаше да се случи пред францускиот предлог

„Понудата на премиерот не е искрена. Идејата на премиерот е фактички да посочи дека ВМРО-ДПМНЕ сака само да дојде на власт, и дека ништо друго не го интересира. И ете сега се расфрла со функции, во смисла, еве и премиер сум спремен да ви дадам. Позицијата премиер, фактички позицијата составување на Владата се добива на избори, а изборите се за една година можеби за помалку од една година пред нас, ако нема и предвремени избори така што нема што премиерот да се расфрла со функции“, истакна Зоран Димитровски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

Димитровски додаде дека лидерската средба беше изнудена и задоцнета.

„Ковачевски пред неколку месеци говореше дека нема што тој да разговара со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. И Ковачевски одбиваше лидерска средба со идеја дека тој знае како да обезбеди 80 пратеници за 2/3 мнозинство за изгласување на уставните измени. И кога виде не може така да функционира и кога се обиде на сите можни начини меѓудругото и со разузнавачки подземни трикови и служби да стигне до 80 пратеници виде дека тоа не функционира. И на крај премиерот се обрати до ВМРО-ДПМНЕ, она што требаше да се случи според мене пред францускиот предлог“, заклучи тој.

Тој посочи дека вистинскиот дијалог помеѓу Ковачевски и Мицкоски требаше да се случи пред францускиот предлог.

„Мицкоски по лидерската средба кажа кои се предлозите, детално ги образложи, и кажа дека нема договор на таа средба. Веднаш потоа беше на некој начин злоупотребен дека тој се согласил на уставни измени. Вие не можете со политички спин чисто наменето за дневно политички поени да го посочувате ВМРО-ДПМНЕ дека прифатил уставни измени“, нагласи Димитровски.

Тој рече дека решение за излез од овој ќорсокак се предвремени парламентарни избори.