Денешен гостин во емисијата „Утро со Златев“ беше заменик-министерот за локална самоуправа, новинар и член на Демократски Сојуз, Зоран Димитровски. Со него се разговараше за актуелната политичка ситуација во Македонија, за правата на новинарите, за договорот на Владата со Бугарија и слични теми.
На оваа емисија исто така се дискутираше и за СЈО како институција. Гостинот Димитровски вели дека сите кои оделе по улиците со маичките СЈО станале мајмуни. Според него СЈО требало да биде ликот на правдата во Македонија, а наместо тоа се случило фијаско.
„Кога најголемата надеж во правда ќе ја изгубите како очекувате борбата против корупцијата да биде на високо рамниште?“, прашува гостинот Димитровски.
Тој зборува за корупцијата и вели дека не може да се вади никој на релативизација и да вели дека станува збор за перцепција. Додава дека уште долго треба да се работи за правдата и корупцијата во Македонија.
„Зборувајте со граѓани во делот на правдата, сите или голем дел од нив, ќе ви кажат дека имале понуда за одредена сума пари да им се заврши работа. Има тарифи за во Врховниот суд ако ви дојде предмет, а тоа се уште функционира и во Управниот суд“, вели Димитровски за Радио Лидер.
Димитровски заклучува дека обичните граѓани не можат да добијат судски предмет ако не платат, а вели дека ова важи за било која политичка гарнитура кога ќе дојде на власт.